„100 илјади поети за промена“ го негуваат литературниот јазик и прават промени во општеството

Од исклучителна важност за книжевниот свет е социјално ангажираното творештво, затоа што тоа најискрено и најчисто ја дава сликата за реалноста во која живееме, односно е огледало преку кое не се гледаат само убавите нешта, туку и оние пред кои сакаме да замижеме или целосно да ги одбегнеме, смета Митко Гогов од иницијативата „100 илјади поети за промена“.

Според него, ваквата литература е своевидна креативна историја на човештвото, но истовремено и алатка која може да послужи како коректор на самото општество.

„Најчестите теми за кои авторите пишуваат се поврзани со секојдневните премрежја со кои се соочуваат, без разлика на тоа дали станува збор за локални или глобални сегменти. Кај секој од нив постои страста за револуција преку пишаниот збор, а желбата да се застане храбро против војните, корупцијата, полициската бруталност, егзекуцијата на автори во одредени земји само затоа што решиле да пишуваат за слободата или тоа што не чини е вечна. Секако овде се и автори кои пишуваат за природните несреќи, а слично такво дело беше неодамна промовирано во Македонија – е-зборникот „Поплава“, кој настана како резултат или ехо на непријатното и неочекувано невреме кое го зафати главниот град минатиот месец“, вели Гогов, кој и самиот е поет.

Целта на глобалното движење „100 Илјади поети за промена“ е поетите од светот да бидат слушнати и нивниот глас да допре до сите засегнати страни, како и да промовира мир и одржливост во заедниците каде постои. Во Македонија, за првпат ова движење се разви во 2011 година, во Струмица, и веќе шест години се организираат разни настани за кои Гогов вели дека го прават да се чувствува горд.

„Во текот на овие шест години освен во Струмица организиравме и редица настани во неколку градови во државата, што ме прави од една страна среќен дека самата манифестација прави позитивна градација и гради вертикала на накој начин и ме прави горд од друга страна што секоја година се вклучуваат се повеќе и повеќе автори како од Македонија, така и од соседните држави, а на самиот главен настан во текот на овие години сме имале и поети гости од неколку држави од светот како Романија, Турција, Албанија, Русија, Египет итн“ рече Гогов.

Но, покрај социјалната ангажираност, целта на „100 илјади поети за промена“ е промоција и на литературниот јазик.

„Со „100 Илјади поети за промена“ ние го промовираме литературниот јазик, го заштитуваме и продолжуваме кодот на нашата нација и идентитет, но е и своевиден мост со кој се поврзуваме со другите народи од светот и успешно го презентираме нашиот јазик и надвор. Секоја година дел од авторите се архивирани во една од најголемите електронски дата бази во светот, дата базата на Стенфорд универзитетот која уште од првата година редовно и грижливо ги заштитува материјалите на сите настани, околу 500 годишно кои се случуваат на тој ден“, посочи Гогов.

Единствениот критериум за поет да се вклучи во ова движење е неговата поема да говори за некакви промени, општествени или духовни. Гогов вели дека оваа манифестација ги отвора вратите за сите љубители на пишаниот збор.

Една од помладите автори е Викторија Мирческа, која со своите поеми се обидува да придонесе кон реализирањето на идејата на движењето.

„Кон иницијативата „100.000 Поети за промена“ се приклучив пред сè затоа што ми се допаѓа идејата поетите од цел свет да го изразат својот светоглед низ стихови. Да зборуваат за она што на сите ни се случува, да бидат дел од светот на свој начин, да го кренат гласот и да испратат порака. Особено, затоа што носечки елемент е социјално ангажираната поезија која е важна за да се остави печат на некое време или некои случувања“, вели оваа мала поетеса.

Таа верува дека сите кои учествуваат во ова движење се поети за промена, бидејќи никогаш не може да се предвиде чиј стих ќе допре посебно до некого, или ќе испрати порака и ќе промени нечиј живот.

Мирческа првпат учествувала со поема посветена на бегалците, а како инспирација бил новинарски прилог, на кој била прикажана фотографија од дете пред бодликава жица. За неа, оваа слика предизвикала бура од емоции за која единствено смирување биле неколкуте стихови поезија, за која, како што вели, сама се напишала.

„Оваа година нема една конкретна посочена тема, но од некое ќоше ѕиркаат поплавите, од друго протестите, од трето целата политичка и неполитичка ситуација, а таму некаде ѕирка и обичниот живот, на обичниот човек, на оние обесправените. Тука некаде на средина ја најдов и својата инспирација за песната „Човекување“, затоа што без разлика на сè, на крајот на денот важно е само едно: „Човек на човека бидување. Човекување.“, подвлече Мирческа. 
Е.П.