Адеми: Дебатата е префрлена во МОН зашто студентите најавија упад

Не се исплашивме од „Студентски пленум“, дебатата ја префрливме во Министерството за образование и наука зашто студентите најавија упад, изјави денеска министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми.

Студентите од „Студентски пленум“ се собраа пред Министерството за образование откако во последен момент беше откажана дебатата за предложените закони со кои се предлагаат реформи во високото образование најавена на Педагошкиот факултет. Министерот Адеми ги прими деканите на педагошките факултети со кои дискутираат за образованието зад затворени врати. По средбата, Адеми изјави дека тие се отворени за дебата, но на дебати треба да дојдат оние кои се поканети.

„На Педагошки факултет го закажавме за да дискутираме за педагошката реформа со деканите на педагошките факултети, меѓутоа добивме јавно од студентите, дека сакаат да упаднат на средбата, што мислам дека е недолично да дојдат непоканети, затоа што ние денеска дискутираме за реформа на педагошките факултети. Ние сме отворени за дебата, ќе организираме дебати, ќе бидат поканети сите и со сите ќе разговараме за овие решенија. Кога ќе организираме средба и ќе ги поканиме, може поканетите да дојдат. Не сакам да дозволам една суштинска реформа за педагошките факултети да се стави во сенка на некој вид упади или извикувања. Токму затоа се слушнавме со деканите на педагошките факултети и се договоривме дека е подобро да биде организирана во една просторија во која може помирно да дискутира без никакви притисоци“, рече Адеми.

Деканот на Педагошкиот факултет во Скопје, Владо Тимовски потврди дека Наставно-научниот совет на Педагошкиот факултет го оценил првичниот предлог за државен испит, како непотребен.

„Ние на Педагошкиот факултет, оној документ кој го добивме пред неколку дена, верувам дека тој и не беше целосен, не беше конечен, го добивме и го расправавме на Наставно-научен совет. Онака како што беше и како го разбраа колегите, нашиот Наставно-научен совет го оцени како непотребен во оваа фаза. Сега гледам дека во документите кои ги добивме има поразработени решенија и за ден два ќе расправаме и по другите решенија“, рече Тимовски.

Адеми за овој документ кој излезе во јавноста потенцираше дека бил само информација упатена до ректорот Велимир Стојковски, која не била наменета да се препрати кај другите универзитети, и не претставувала целосниот предлог-концепт за државен испит.

Половина час пред почетокот на најавената дебата за реформите во образованието која требаше да се одржи на Педагошкиот факултет, МОН испрати соопштение до медиумите каде најавува дека во исто време ќе се сретне само со деканите на педагошките факултети во просториите на министерството. Ваквата ненадејна промена доаѓа по најавите на студентите од „Студентски пленум“ дека на отворената дебата на Педагошкиот факултет ќе дојдат со транспаренти, револтирани од тоа што не биле поканети на неа и поради тоа што се игнорирани од министерот. Вчера од МОН испратија соопштение до медиумите во кое се вели дека „во 14:00 часот, на Педагошкиот факултет во Скопје, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми ќе присуствува на дебата по повод предложените предлог закони“.

Адеми: Дебатата е префрлена во МОН зашто студентите најавија упад

„Прашање е каква е оваа дебата? Десет илјади студенти излегоа на улиците, десет илјади студенти кажаа не за државнииот испит, десет илјади студенти даваат легитимитет, а да не се оди воопшто во дискусија за државни испити. Каква е оваа дебата, во која ќе бидат соопштени веќе донесените одлуки за предлог-закон на Владата. Кој дебатира и за што? Студентски парламент, кое не е легитимно тело ниту пак веќе е легално тело, туку истото е со истечен мандат“, рече студентот Дарко Малиновски.

Министерството за образование и наука соопшти дека во текот на вчерашниот ден биле реализирани одделни средби со ректорите и претставниците на државни универзитети, претседателите на Студентските парламенти и Синдикатот за образование, наука и култура, во врска со предложениот пакет мерки за унапредување на образованието во земјата.

K.O.