Секоја година повеќе од 200.000 тони отпад никој не го собира од руралните средини, а дивите депонии остануваат вели Блаже Јосифовски, претседател на „Ајде Македонија“, нова граѓанска платформа која се залага за подобрување на состојбата со отпадот во земјата. Формирана со цел да овозможи одржлив систем на управување со отпадот во земјава, преку едукација и граѓански активизам нејзини иницијатори се здруженија на граѓани, кои работат на заштита на животната средина.
За потребата мапирање на нелегалниот отпад во сите локалните заедници, негово чистење, но и развивање на граѓански активизам на ова поле, во кратко интервју за Радио МОФ зборува претседателот на „Ајде Македонија“.
„Ајде Македонија“ работи на алатките за создавање прв регистар на нелегален отпад во Македонија? Колку е сериозен проблемот со дивите депонии и на кој начин ќе се креира овој регистар?
Не ужаснува податокот дека годишно повеќе од 200.000 тони отпад или 600 000 м3 никој не го собира од руралните средини и тој со сигурност завршува во реките, доловите или најлесното, горење на отпадот. Досега тој отпад што е нелегално исфрлен требаше да се пријави на општинските власти. Но, граѓаните досега слабо реагираа на тие механизми.Затоа, дојдовме до идеја дека треба да го искористиме времето во кое живееме. Па, затоа сега на многу лесен начин без да има потреба од административни процедури директно граѓаните ќе можат да го пријавуваат нелегалниот отпад.
Веќе работиме на алатките за мапирање. Ќе имаме мобилна апликација за мапирање поврзана со веб страна со мапа на Македонија со отпадни локации, што ние ја викаме- грдата карта на Македонија. Преку овие алатки секој граѓанин ќе може да вметне одредена отпадна локација што ја сликал, да го класифицира каков вид на отпад е, колкав зафатнина има, можни начини на чистење итн.
Дали имате помош и колку имаат слух за вашата работа институциите кои се задолжени за решавање на проблемите со отпадот на територијата на земјава , како Министерството за животна среднина,инспекторатот, општинските власти…?
За овогодинешната национална акција повеќе од 50-тина општини го потврдија своето учество, односно со свои екипи ќе излезат на терен со граѓаните. Со регистерот кои го создаваме директно и во континуитет ќе имаат информации за нелегалниот отпад на нивната територија, тоа ќе им помогне во работата, но и ќе им изврши притисок да си ја извршат работата. Ние сметаме дека првенствено е подигнување на свеста кај граѓаните и ставење на оваа тема на повисоко ниво. Впрочем, и тие институции се составен од граѓани, значи потребна е поголема свесност и притисок од граѓаните за овој голем проблем на нашето живеење.
Во кој дел од земјава проблемот со отпадот е на најлошо ниво, а каде состојбата е подобрра?
Ако се има предвид фактот дека во Македонија само 1 депонија од 55 ги исполнува европските стандарди за управување со отпадот, тешко е да се каже кој победува, а кој губи во тој „грд“ натпревар. Генерално во целата земја ситуацијата е многу лоша, но ние веруваме дека само со граѓански активизам ќе се реши ова прашање.
Колку е важен граѓанскиот активизам при решавање на прашања како што е проблемот со нелегалниот отпад и на кој начин можат самите граѓани да помогнат за полесно справување со лошата состојба?
Најважен би рекол, граѓаните се тие кои одлучуваат во каква средина ќе живеат. Ние самите си ја кроиме судбината. Потребно е како граѓани да сфатиме дека природата работи во еден магичен круг, во кои се’ се врти, па така свежите домати на пазар поливани со водата полна со ѓубрето кое сме го фрлиле, ќе заврши на нашите трпези-назад.Наместо тоа, со паметно селектирање на отпадот и негово повторно користење за друга намена, ќе имаме чиста животна средина за нашите најблиски и општеството во целина, а и работни места во секторот на управување со отпадот кои се најбрзо растечки во однос на другите сектори во економијата. Изборот е јасен.
Во моментов „Ајде Македонија“ работи и на подготовките за националната акција „Македонија чиста за 1 ден“. Што ќе вклучува оваа акција? Кои се вашите идни планови?
Нашето движење е всушност инспирирано и е дел од глобалното движење „Let’s Do It! World“. Ова масовно движење започна во Естонија, земја многу слична како нашата, кога за време на 2008 година за еден еден се собираа 50.000 граѓани и ја исчистија земјата за само пет часа. Сега ова движење има меѓународен карактер, се одржува во 113 држави.Во нашата национална акција, со помош на нашиот главен покровител Британската Амбасада во Македонија и медиумски покровите МПМ, очекуваме да ја надминеме бројката од 50 000 граѓани, бидејќи веруваме дека македонските граѓани знаат да се солидаризираат околу заедничките вредности и желба за допринос кон својата заедница. Веруваме дека ќе го обединиме граѓанскиот сектор, опшстинските власти, медиумите и граѓаните во една кауза која е за добро на сите. Доста беше грдата слика со која се соочуваме секојдневно.