Американскиот филмаџија и фотограф Рик Реј, кој изработува документарци и патописи, преку социјалните мрежи објави видео со наслов „Моето македонско апсење“ во кое со фотографии и снимки го документирал негативното искуство кое го доживеал кога од Грција се обидувал да влезе во Македонија на граничниот премин „Меџитлија“.
Тој објаснува дека одредени цариници му го заплениле дронот, кој го носел секаде со себе, пет часа го задржале и испрашувале во просторија на граничниот премин и пасошот го добил дури следниот ден откако по кратко судење платил казна од 500 евра.
„Ова е приказна за страшното искуство кое го имав со Македонската царина кога се обидов со мојата камера и дрон да поминам низ граничниот премин кај Битола. Моето лудо премреже ми ја покажа страната на македонската корупција која се надевав дека нема да ја видам. Никогаш немав шанса да ја посетам и да ја фотографирам оваа земја која е наводно прекрасна, со многу добри и пријателски луѓе. Сакав да имам шанса да го откријам ова“, напиша Реј во најавата на видеото.
Тој посочува четири вработени во царинското одделение на граничниот премин „Меџитлија“, кои откако го забележале дронот инсистирале дека тој морал да биде пријавен. Дронот го заплениле, а Реј го однеле во една од граничните простории каде го држеле 5 часа. Американскиот државјанин вели дека бил испрашуван на дрзок и агресивен начин со намера да биде заплашен.
На судскиот процес во Скопје следниот ден, Реј добил пресуда дека треба да плати 500 евра за да му биде вратен пасошот и да може да ја напушти земјата.
„Кога ми ја прочитаа пресудата дека сум виновен, го прашав човекот кој ми ја соопшти таа вест дали било што од мојата изјава имала вредност во одлучувањето, на што тој одговори – не. Ми рече дека не ја прочитал мојата изјава, туку само изјавата на царинското одделение. Така што целиот процес на мојата изјава и мојата страна од вистината, била само формалност. Не им била важна, само сакале да го поминат формалниот процес“, вели Реј.
Во видеото тој додава дека друг цариник кој го придружувал до Скопје, за судскиот процес, му признал дека се одземаат многу работи од луѓето кои подоцна се препродаваат преку мрежа на соработници. Американецот е уверен дека дронот му бил запленет токму затоа што цариниците процениле и знаеле дека можат да го препродадат за добра сума.
Реј го изработил видеото со намера да предупреди други луѓе да не паднат во истата замка во која се нашол самиот.
„Овде има убави споменици посветени на правдата и еднаквоста и имам чудно чувство дека, само нешто подалеку од овде, јас и уште стотина други луѓе сме искористени за толку пари колку што можеле да земат од нас. Се чувствувам како да сум силуван. Знам дека постои корупција насекаде, но кога си директна жртва добиваш слика колку безличен и безимен си во бирократскиот систем кој те искористува само за сопствена корист“, вели Реј на крајот на видео сведоштвото кое го пренесуваме во целост.
Од Царинската управа за РадиоМОФ изјавија дека не биле запознаени со овој случај. Велат дека досега не им се случило некој да пријави неправилност на ваков начин, но дека ќе преземат постапки преку внатрешните механизми и Секторот за професионална одговорност за проверка на вистинитоста на информациите изнесени во видеото.
Наредниот ден испратија демант во кој негираат дека дека постоеле неправилности и корупција во третманот на американскиот државјанин и истакнаа дека неговото видео е тенденциозно и политички мотивирано.
Даниел Евросимоски