Во пресрет на Парламетарните избори со кои ќе се дефинира нова четиригодишна агенда, Здружението за заштита на животните Анима Мунди, заедно со уште неколку македонски здруженија, излегоа со свои предлози и барања за идните пратеници.
Тие бараат идната Влада да го унапреди Законот за заштита и благосостојба на животните, во однос на животните користени за експериментирање, фармските животни, како и да се донесе забрана за ритуалното колење. Покрај ова, од Здружението бараат да се воведи забрана за еутаназија, освен за неизлечливите животни. Тие сметаат дека проблемот со прекумерната бројност на бездомните кучиња најдобро ќе се реши исклучиво со стратегијата на масовна стерилизација.
„Согласно со европските најуспешни практики предлагаме: оданочување на оние кои продаваат миленици и кои неконтролирано ги размножуваат, оданочување на сопствениците кои купиле миленик и го чуваат некастриран/нестерилизиран, а ослободување од данок за оние кои ќе вдомат миленик затоа што помагаат во заедницата да се намали бројноста на бездомни животни и привилегии за сите кои ги стерилизираат сопствените миленици. Собраните средства од оданочувањето на невдомените неојаловени миленици да бидат наменети за заштита, лекување, стерилизација/кастрација на бездомни животни и субвенционирање на кастрации/стерилизации за сопствениците кои ќе вдомат бездомно животно“, велат од Анима Мунди.
Тие ја осудуваат суровоста врз животните, која како што велат, од страна на институциите со години се игнорира и толерира.
„За таа цел по примерот на бројни европски држави, а во рамки на Законот за заштита и благосостојба на животните бараме да се даде можност за оформување/авторизирање на посебна служба, т.н. Служба за заштита на животните која би се занимавала со едукација на населението, потоа превенција, евиденција, санкција за злоставување, занемарување и напуштање на животните“, предлагаат од Здружението.
Ваквата служба во која би се вклучил граѓанскиот сектор, според нив, треба да биде под покровителство на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Бараме најстрого да да се ограничи и контролира слободната продажба на високотоксични материи, кои се злоупотребуваат за труење на животни и со чија примена силно се загрозува и безбедноста на граѓаните. Бараме да се адаптираат/изградат адекватни паркови за шетање на миленици и дружење на граѓаните, љубители на животни. Да се овозможи простор за погребување домашни миленичици и на тој начин да бидат помогнати сите оние граѓани кои го загубиле својот миленик. Притоа ќе примениме мерки за надминување на сериозен комунален проблем, ќе превенираме изградба на диви гробишта или во недостиг на избор, фрлање на мртви животни во контејнерите“, бараат од Анима Мунди.
Во нивните предлози се вбројуваат и: надминување на проблемот со злоупотреба и суровост врз коњите во урбаните средини, да се почитува и да се унапреди членот од Кривичниот закон што се однесува на мачење на животните, ловот да биде препознаен како бескрупулозна форма на насилство врз животните, но и насилство и узурпација на природата, човекот, екосистемот во целост и да започне процесот на затворање на зоолошките градини во државата. Тие сметаат дека зоолошките се непрофитабилни, скапи, и неетички, како за едукација така и за забава.
Целата листа на нивните предлози и барања може да се прочита на следниот линк.