[Анкета] Како изгледа идеалниот премиер на македонските граѓани

Не е важно дали е маж или жена, без оглед на религијата и националноста, македонските граѓани сакаат следниот премиер да биде правичен, транспарентен и прогресивен, а не алчен и лажлив.

Вака одлучија 263 граѓани кои претходниве две недели учествуваа во онлајн анкетата која ја подготви РадиоМОФ, преку која тие го цртаа фото-роботот на идеалниот носител на извршната власт.

anketa-1

anketa-2

Добивме и многу сериозни и комични одговори. Дел директни, дел иронични. Нашата цел не беше научно да истражуваме, туку на поинаков начин да го чуеме вашиот став и да добиеме слика за тоа што ви е важно да имаат избраниците кои ќе ги застапуваат вашите интереси.

Околу возраста на идеалниот премиер, испитаниците се целосно поделени. Само малку повеќе луѓе преферираат стар и искусен човек на чело Владата, отколку млад и талентиран. Разликата се зголемува кога ги прашавме колку премиерот често треба да се појавува во јавноста. Во овој случај, скоро две третини од испитаниците повеќе сакаат премиерот да е експониран. Но, огромното мнозинство од граѓаните, нивниот идеален премиер го гледаат како човек со прогресивни, отколку со традиционални вредности.

anketa-13

Покрај онлајн анкетата, спроведовме и мини-анкета помеѓу младите на оваа тема. Младиот правник Иван, се осврна на генералните карактеристики кои тој ги очекува од премиерот.

„Би ми пречело да е популист и да се повикува на тоа дека е човек од народот. Сметам дека премиерот треба да биде нешто најдобро од понуденото. Не да биде некој кој е просечен и доста луѓе да се поистоветуваат со него“, ни изјави Иван.

Полот, националноста или религијата на идеалниот премиер не им смета на мнозинството граѓани кои ни го дадоја својот став, но би сакале тој да користи минимално обезбедување, или да донира дел од својата плата за добри цели. Сепак, во најголем број – би сакале да го видат на велосипед или во градски автобус.

anketa-3

anketa-4

anketa-7

Да се вози со јавен превоз или велосипед (58,2%). Да донира процент од својата плата (52,9%)

Меѓу нив е и 22 годишната Симона, дипломиран правник, која е револтирана од сообраќајниот метеж кој секојдневно го создаваат функционерите.

„Имам желба да биде жена премиерка. Созреано ни е општеството да биде жена премиерка. И веќе гледаме дека жениве се поснаодливи во тие лидерски функции. Конкретно ми пречи кога одам на факултет и чекам десет минути – се блокира раскрсницата, бидејќи поминува премиерот“.

Најзначајно е премиерот да го стекнал сам тоа што го поседувал, а им значи и доколку тој волонтирал во некоја организација. Поголемиот дел од оние кои се изјаснија, не сакаат премиер кој преминал од една во друга партија со различни идеологии. Исто така не сакаат ниту некој кој бил казнет за направен прекршок или користел дрога.

anketa-5

Сам стекнал се што поседува (67,7%). Волонтирал во непрофитна организација (39,9%)

Користење на придобивките на премиерската функција за лични цели е нешто што најмногу би им пречело на оние кои ја одговориле анкетата (212 граѓани). Како втора опција, мнозинството не сакаат и избегнување на медиумите (169). Притоа, на  граѓаните (116) им пречи премиерот да донесе одлука спротивна на неговите ветувања, а на исто така (114) да избегнува и средби со граѓаните. Најмалку им пречи (19) доколку премиерот повеќе користи производи од странско отколку од домашно производство.

22-годишната правничка, Тамара, сака премиерот да го цени квалитетот, а не партиската лојалност и послушност:

„Треба да понуди најдобрите луѓе да бидат на највисоките позиции во општеството. На тој начин ќе се сопре иселувањето на младите, затоа што тие се крајно разочарани. Треба да бидеш член на партија за да направиш нешто“, објаснува таа.

Искреноста и чесноста се доблести кои граѓаните најмногу ги ценат, додека како мани би му дозволиле одредено ниво на ароганција и пороци. На граѓаните им е помалку важно дали премиерот пуши, пие, дали е разведен или има деца, но сакаат тој да биде за евроатлански интеграции и да има големо искуство во политиката.

anketa-9

anketa-10

anketa-15

anketa-4

Недостаток на високо образование, чести гафови и рекреативен лов не го одобруваат најголемиот дел од анкетираните, додека поделени се мислењата околу тоа дали премиерот треба да носи скапа облека.

anketa-11

Од лево на десно: Постира слики од приватни настани на социјални мрежи; Носи скапа облека; Рекреативно да користи марихуана; Да се разведе за време на мандатот; Нема високо образование; Рекреативно лови животни

„Да ги врати парите“, „Бесплатно високо образование со високи приемни критериуми“, „Да расчисти со криминалот“, „Да воведе правда во државата“, „Да го смени системот на вредности“, се само дел од одговорите за тоа што би требало да биде првата активност на следниот премиер.

anketa-16

За крај, ви го пренесуваме и мислењето на Јана, 23-годишна историчарка, која го заокружува својот фото-робот на овој начин:

„Кога градиме слика за еден премиер, голем дел од тоа како ќе биде претставен зависи од нас. Бидејќи ние создаваме култ од тој лик. Сметам дека тоа е погрешно. Не треба да го доживуваме како божество, како некоја натприродна интелигенција. Колку повеќе на еден човек му даваме до знаење дека е над нас, толку тој добива на его-трип и може да се искористи многу негативно“, заклучува таа.