Преку социјалните мрежи, во соработка со луѓето кои живеат во близина на пругите, граѓаните се организираат за собирање помош за мигрантите кои транзитираат низ земјава. Тие можат да контактираат преку фејсбук групата „Да помогнеме на азилантите“, каде се договараат на кој начин е најдобро да им се помогне на луѓето кои под налетот на војните, најчесто пеш патуваат низ Македонија за да стигнат во некоја од западноевропските држави.
„Поради немање соодветен закон, мигрантите се присилени да се кријат и да влегуваат во опасност, да пешачат по пругите. Моментално имаме 10тина волонтери кои прибираат донации во своите градови, исто така се координираме на фејсбук групата „Да помогнеме на азилантите“. Главниот пункт каде ги праќаме донациите е во Велес. Оттаму доброволец секојдневно им доставува на група мигранти облека, храна и вода. Бараме надлежните да го забрзаат донесувањето на измените во законот во најбрз можен рок“, вели за Радио МОФ Мартин Колоски, кој е задолжен за собирање на донациите во реонот на Охрид.
Како што се наведува во апелот за солидарност, најпотребни донации се храна како леб, кроасани и енергетски колачиња, но и вода во шишиња од 1,5 литар кои мигрантите ќе можат да ги носат со себе.
Мигрантите кои транзитираат низ Македонија доаѓаат од држави како Сирија, Пакистан, Сомалија, Авганистан. Тие со бродови стигнуваат до Грција, а оттаму низ Македонија и Србија се обидуваат да стигнат со Западна Европа. Македонија е една од црните точки на нивниот пат каде поради актуелните законите тие имаат илегален статус, најчесто се движат пеш по пругите и се кријат од полицијата.
Само во последниве две години, од воз беа прегазени триесетина мигранти. Во моментот во процедура е промена на законот со кој бегалците треба да добијат време од 72 часа по влегувањето во земјава, за да одлучат дали ќе бараат азил или ќе ја напуштат Македонија.