Странска лабораторија во Солун, Грција утврди дека селата Моин и Богородица од гевгелиско добиваат вода со висока концентрација на арсен, информираат од граѓанската иницијатива „Арсена“.
Со анализа на примерок вода од домаќинства во овие населени места констатирано е присуство на 17,7 микрограми арсен на еден литар вода во потпланинското село Моин и 16,9 микрограми арсен во еден литар вода во пограничното село Богородица, велат од иницијативата.
Дозволената граница на арсен во водата за пиење според Правилникот за квалитет на води на РМ од април 2008 година и стандардите на Светската здравствена организација изнесува 10 микрограми на еден литар вода. Секоја количина над оваа граница е здравствено небезбедна за човековото здравје.
Тие велат дека референдумот во Гевгелија против отварање рудници на Кожуф не ги реши сите еколошки проблеми во општината. Според нив, и понатаму останува горливиот проблем – присуството на отровниот арсен во водата која ја користат жителите на Гевгелија и уште шест населени места од општината.
Од „Арсена“ потсетуваат дека последните резултати од 24 април годинава укажуваат дека арсенот уште тече не само низ гевгелиските чешми, туку и низ чешмите во домаќинствата во селата кои се приклучени на градската водоводна мрежа, односно користат вода од градскиот водовод со кој се напојува Гевгелија.
„Јавното комунално претрпијатие „Комуналец“ од Гевгелија и локалната самоуправа цели 4 ипол години ја лажат јавноста дека се исклучени спорните бунари 3 и 4 кај Моин по налог на Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ која ја забрани за употреба водата од овие бунари уште во септември 2012 година, и дека со тоа проблемот со арсенот во гевгелиската вода е решен. Згора на тоа, инсистираа на фактот дека источниот дел на градот и селата од северо источната страна на Гевгелија кои се приклучени на бунарите кај Вардар немаат опасност од арсен. Анализата на водата во село Богородица кое е приклучен и се снабдува од водите на бунарите кај Вардар ги побива овие тврдења. И бунарите кај Вардар испорачуваат вода со недозволиво висока концентрација на арсен која е здравствено небезбедна по здравјето на човекот“, реагираат од иницијативата.
„Никој досега не елаборираше со кавов квалитет е водата од наводно пробните ископувања во 2014 година, кои завршија со нереализирани ветувања, односно изречени лаги дека гевгеличани до ноември 2014 ќе добијат чиста вода за пиење. Истечениот мандат и замрзнатите ингеренции на локалните самоуправи на ниво на Македонија, па и во Гевгелија не даваат надеж дека нешто се работи по прашањето за обезбедување чиста вода за пиење за гевгеличани“, додаваат од „Арсена“.
Како реално можно решение, според нив, е набавката на деарсенификатор на водата.