Атракции, детско катче и пивска градина од 16 јуни на „Баскерфест 2017“

На скопскиот плоштад „Македонија“ од 16 јуни до 25 јуни ќе бидат поставени три стејџа каде што ќе се одвива програмата на фестивалот „Баскерфест“, секојдневно од 19- 23 часот.

„Уште 11 дена не делат од почетокот на најпозитивниот македонски фестивал – Баскерфест. Во 2006 година, Македонија стана прва земја на Балканот со ваков вид на фестивал, а оттогаш 12 години по ред шири насмевки низ Скопје и целата држава. И оваа година, фестивалот ќе има уникатен концепт и десет дена исполнети со мултикултурни настани и атракции под отворено небо, кои навечер центарот на Скопје ќе го претворат во ‘Street Art’ локација со забава за сите генерации“, стои во најавата за фестивалот.

 

Фестивалот предвидува и детско катче за најмалите, каде што децата ќе може да се вклучат во различни забавни активности секојдневно од 18:30 – 20 часот, а музичката програма пак ќе биде секој ден од 22 – 01 часот.  Во склоп на Баскерфест ќе има и пивска градина каде што посетителите ќе може да се освежат во топлите летни денови.

За престојниот Баскерфест се најавени артисти од целиот свет меѓу кои Барбароса, Пеперониус, Винил Брнс, Јаника Белиза, Хозе Енрикес…