Според објавена аудио-снимка, вчера вечер обезбедувањето на зградата на Македонската радиотелевизија (МРТ) упаднало во радиото Канал 103, кое емитува од овој објект и го легитимираше водителот. После ова, беше прекината емисијата „Кај Докторот“.
На снимката се слуша како водителот најавува дека ќе ја прекине емисијата по барање на обезбедувањето, а обезбедувачот кажува дека спроведува наредба од шефот.
Настанот се случи откако генералот Стојанче Ангелов повторно се обиде да влезе во зградата на јавниот сервис и да ги достави снимките од телефонските разговори коишто ги објави опозицијата. Екипата на Канал 103 го покани Ангелов да биде гостин во нивната емисија, но обезбедувањето не му дозволи.
Веднаш после ова, Ангелов се огласи на социјалната мрежа Фејсбук и повика денеска на собир пред МРТ во 12 часот.