Британскиот јавен сервис (ББЦ) се извини за интервју со Лорд Лосон, познат британски конзервативен политичар кој ги негира климатските промени, откако признаа дека го прекршале сопствениот етички кодекс дозволувајќи му на соговорникот да тврди дека глобалните температури изминатата деценија немаат пораснато.
„Тудеј“, информативната програма на ББЦ Радио 4, во август го емитувала интервјуто на Лосон во кое тој го изнесува ова тврдење. Сепак, фактите покажуваат дека последниве три години по ред се надминати рекордите на температурите на планетата Земја.
Програмата „Тудеј“ ги отфрлила првичните приговори на слушателите, со изговор дека ставовите на Лосон се „отсликани во сегашната американска администрација“ и дека овозможувањето простор на „противречни гласови“ се важен аспект од непристрасноста.
Сепак, некои од слушателите продолжиле со забелешките и Службата на ББЦ за приговори, преку писмо, сега признава дека интервјуто ги прекршило нивните етички стандарди за точност и непристрасност, пренесува Гардијан.
Забелешките биле упатени на две изјави на Лосон: дека Меѓувладиниот панел за климатски промени на Обединетите нации „потврдиле дека немало зголемување на екстремните временски настани“, како и дека „според официјалните бројки, последните 10 години просечните температури во светот малку опаднале“.
Службата на ББЦ прифатила дека овие ставови во интервјуто „имало можност да се предизвикаат и требало да бидат оспорени“.
Пензионираниот доктор, Тим Тортон, кој бил еден од оние кои испраќале забелешки за наводите во емисијата, вели дека овие гласови на богатите и луѓето со врски го изгубија значењето во целокупната аргументација и дека мислел дека дебатата околу климатските промени најпосле е завршена.
„Во ред е дека не им се допаѓа идејата за климатски промени, но тие се на истото ниво со заговорниците дека земјата е рамна. Дури и основец може да ви каже дека не е точно тврдењето дека температурите не растат. Па, така, новинарот од ББЦ, доколку зборува за климатски промени, требало барем малку да се подготви на таа тема“, вели тој.
Во писмото испратено до Тортон, директорот на Службата за приговори на ББЦ, Колин Трегар се извинил.
„Се надевам дека ќе ги прифатите моите извинувања, во име на ББЦ, за прекршување на уредничките стандарди кои сте ги идентификувале“, стои во писмото од ББЦ.