„Пред да умрам сакам….“ или уште попознатата англиска транскрипција „Before I Die…“, се претвори во глобален проект кој го инспирираше светот. Кога во 2009-та година, на една напуштена зграда во Њу Орлеанс луѓето почнаа да ги дополнуваат пораките, никој не веруваше дека за идејата на американската уметница Кенди Чанг ќе слушне целиот свет, па и Македонија која се вклучи во светското семејство.
Американската уметница проектот го почнала по смртта на својата мајка, објаснува таа на една од TED конференциите во САД, период кога се размислува за смртта и за тоа кои се најважните работи во животот.
Во Македонија проектот започна минатиот месец, прво со таблите на кои минувачите дополнуваа „Слобода е….“, а потоа и со ѕидот „Before I Die..“, во Старата Скопска Чаршија.
Позитивна и искрена, таква е реакцијата на минувачите, вели Кристина Керкез, која заедно со своите другарки побара дозвола од Чанг и го донесоа овој проект кај нас.
„Се потпишаа и секојдневно се потпишуваат стотици луѓе на улица Македонија и во Чаршијата. Во моментов се подготвуваме да поставиме табли на уште неколку планирани локации. Со тоа ќе го заокружиме проектот, кој посакуваме да трае што повеќе, па зошто да не и следната година повторно“, истакнува Керкез.
„Before I Die…“ е всушност еден сегмент од целиот проект насловен „Слободен си, изрази се“ кој го спроведуваат НВО Инфоцентар во партнерство со Младинскиот образовен форум. Целта на ваквите проекти, вели Анте Гулин од МОФ, е да пренесе позитивна порака до младите, да развие дискусија, критичка мисла, но и да помогне во надминување на стравот присутен во општеството.
„Луѓето кај нас, не само што се плашат, туку се и под тешка репресија. Ова во повеќе наврати се виде и преку проектот Before I Die. Има луѓе кои пишуваат, има такви што само поминуваат и читаат, но најчести се тие кои ќе ја кажат мислата на глас, но не се осмелуваат да ја запишат. Ни треба слобода, ни треба критичка мисла, основните придобивки во секое развиено демократско општество“, додава Гулин.
Деновиве проектот излегува од рамките на Скопје. Две табли и креди ќе бидат поставени во Струмица и Тетово, граѓаните ќе добијат инстант место за слободно изразување.
„Заедно откриваме колку моќен јавниот простор може да биде, само ако ние му дадеме шанса да има глас и го поделиме тоа едни со други. Двете највредните нешта што ги имаме се времето што ни останува и контактот со другите луѓе“, вели авторката на проектот, Кенди Чанг.