„Безомразно“ е информативно – едукативна веб страница создадена од Македонскиот институт за медиуми со поддршка од Британската амбасада, чија главна цел е да ги информира граѓаните за повеќе аспекти поврзани со говорот на омраза, и да го подигне нивото на знаење и разбирање помеѓу младите, јавните личности и медиумите за неговите ефекти во јавниот дискурс.
„Безомразно“ ќе промовира нови и позитивни вредности во јавната комуникација и ќе настојува да влијае на подигањето на свесноста и разбирањето меѓу граѓаните за последиците од употребата на говорот на омраза, преку различни информативни, креативни и иновативни содржини и алатки.
На оваа страница ќе можете да најдете информации и написи за сето она што се случува во нашето општество и во светот, а е поврзано со адресирање на овој проблем во јавната комуникација. Овде ќе може да се следат сите активности на институциите, граѓанскиот сектор и други релевантни чинители кои работат во оваа област.
Сајтот, кој може да го следите и преку Фејсбук, дава лесен пристап и до меѓународното и домашното законодавство поврзано со говорот на омраза, до релевантни истражувања и анализи, до меѓународни и домашни институции, организации и други формални и неформални структури на луѓе кои работат во оваа област.
„Заедно со вас ќе ги посочуваме, анализираме и деконструираме и отворените, но и прикриените облици на говорот на омраза во јавните настапи, при што ќе се задржиме на содржината и нема да посочуваме личности, бидејќи цел на „Безомразно“ не е да поттикне омраза кон оние што мразат, туку да придонесе кон создавање на свесност за пристојна јавна дебата, во која говорот на омраза ќе се смета за непримерен и неприфатлив“, велат од тимот на „Безомразно“.