На прв протестен марш поради, како што велат, лошите реформи во образованието, денеска излегоа средношколците од Битола. Маршот започна напладне од средното медицинско училиште, „Д-р Јован Калаузи“, по што средношколците преку Широк Сокак стигнаа до општина Битола. Овде тие ги доставија до надлежните своите две главни барања за укинување на екстернотот тестирање и за враќање на стариот модел на државна матура.
Битолските средношколци денеска се жалеа на притисоци во училиштата и закани со намалено поведение за оние кои денеска ќе излезат на маршот, а на Фејсбук страницата на Средношколскиот пленум Битола беше споделено и видео во кое се гледа како се повикуваат средношколците да се вратат на часови.
Маршот доби поддршка од Младинска Организација при СОЕУ „Јане Сандански” – Битола, како и од Студентски пленум – УКЛО од каде синоќа упатија повик за што е можно поголема излезност.
„ Ние, како пленум, ќе го поддржиме утрешниот средношколски марш – со присуство! Ве повикуваме да го направите истото. Всушност, наша обврска е да бидеме утре таму. Зошто? Затоа што сè што се случува во образованиот процес, без хиперболизирање и хистерија – се проектира во апсолутно СЕКОЈА пора од општеството. Во здравството, во економијата, во социјалниот живот, во културата – секаде! Затоа, образованието (треба да) има третман на јавно добро. Затоа што сите нè засега – без исклучоци“, пишуваат од битолскиот Студентски пленум.