Скопските гимназии „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Никола Карев“ се само дел од средните училишта каде учениците ја бојкотираат наставата, револтирани од игнорантскиот однос на надлежните кон барањата на нивниот Пленум.
Според Огнен Ханџиски од Средношколски пленум, наставата се бојкотира во шест училишта во Скопје, како и во повеќе низ Македонија. По маршевите, бојкотот е радикална мерка за која се надеваат дека ќе го привлече вниманието на МОН и средношколците од Пленумот конечно ќе бидат повикани на дијалог.
„Штом ке ни понуди покана ние ќе ја прифатиме и ќе седнеме на дијалог. Всушност ние две недели бараме средба, добиваме само телефонски број којшто не води до никаде, неколкупати не можевме да добиеме никој од Министерство. Сакаме само да стигнеме до степен дијалог. Најмалку што сакаме е ние да губиме од настава и да не посетуваме часови. Јас посреќен би бил ако сега сум на час и не водам битка која што ни ја наложуваат, да не го тргам тој терет којшто тие нас ни го ставија. Сакаме едноставен дијалог, на мирен начин да го разрешиме проблемот. Ако има место да се направи компромис , да ги потенцираме лошите страни на реформите бидејќи наша цел е да се движиме кон напред“, истакна Ханџиски на денешната дебата во Радио МОФ, посветена на средношколците.
Од Пленумот појаснија дека Унијата на средношколци адресираше еден мал дел од проблемот, математиката, но тие се бараа промена на целиот, нов концепт на матурата како и за екстерно тестирање.
Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми пак денеска изјави дека во зависност од агендата, може да биде усогласен термин за средба и ги повика учениците да се вратат на настава. Според Адеми, делумен бојкот има во неколку училишта во Скопје и во две во Куманово.
„Мене ми е жал што во тие училишта се бојкотира наставата затоа што сметам дека учениците треба да го исполнат фондот на часови утврден со законот, а доколку имаат барање за средба, барање за разгледување на аспекти во образованието, тоа право, секако, го имаат и ние ќе се сретнеме. Но ги повикувам, да не користат вакви начини зашто не е добро ни за нив, ни за општеството, ни за државата. Тие треба да учат и да бидат во училишните клупи“, рече Адеми.
Средношколската унија на Македонија минатиот понеделник беше примена на средба со Адеми на која е договорено математиката да не биде задолжителен предмет за сите матуранти. Од Средношколскиот пленум не се согласуваат со овој договор бидејќи сметаат дека не се исполнети во целост нивните барања.