Основните кичевски училишта „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Д-р Владимир Полежиновски“ денеска не започнаа со наставата, откако околу 1000 ученици заедно со своите родители бојкотираа затоа што сè уште немаат парно, пренесува Фактор.
Одлуката за бојкот била донесена од Советот на родители на училиштата, кои решиле да не ги пуштаат децата на настава додека не се реши проблемот со греењето.
Неофицијално, двете училишта, во кои учат ученици-Македонци немаат пари за да го платат греењето. На последната седница за пратенички прашања, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски изјави дека има сознанија оти општината парите ги потрошила на плати, наместо на греење.
Родителите денеска излегоа и на протест пред училиштата, на кој им се придружија наставниците и директорите. Според родителите, во училиштата во кои учат основци-Албанци греење има.
Претставници од Советот на родителите се сретна со градоначалникот Фатмир Дехари за да го прашаат кога ќе се овозможат нормални услови за настава за учениците. Градоначалникот на ова немал одговор. Рекол дека општината нема средства за да набави нафта за греење на училиштата и дека за проблемот е запозната и Владата на Република Македонија.
Од Владата било побарано да издвои нафта од државните резерви и така да ги снабдат училиштата, но на ова барање нема одговор.
Извор: Фактор