Се шири бојкотот на наставата од страна на средношколците. Денеска се приклучи и скопското средно градежно училиште „Здравко Цветковски“, но и гимназијалците во Тетово и Охрид. По неколкудневниот бојкот на наставата, средношколците изјавуваат дека како минува времето, така растат притисоците и кон нив и кон нивните родители.
Ученици од гимназиите „Јосип Броз Тито“ и „Раде Јовчевски Корчагин“, за Радио МОФ велат дека вчера ги посетила инспекција, при што се одржала вонредна родителска средба на која биле повикани сите родители чии деца протестирале.
„Инспекторката свика вонредна родителска средба на која присуствуваа сите родители чии деца протестираат. Имаше четири деца од сите четири генерации кои не протестираа. Значи, освен тие четири родители, сите други родители кажале дека се свесни за бојкотот, дека разбираат, знаат, известени се дека има бојкот и имаат целосна поддршка на своите ученици, на своите деца“, вели ученик од трета година во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“.
Информациите од теренот говорат дека слична е состојбата и во „Јосип Броз Тито“.
„ Имаше и кај нас инспекција, имаше и полиција. Беа родителите, кои малку се појавија на родителска во „Јосип Броз“, сепак им беа поделени два листа со извадоци од некои документи кои укажуваат какви казни би следувале поради нарушување на угледот на училиштето, попречување на настава, изостаноци итн.“, изјави ученик од четврта година во гимназијата „Јосип Броз Тито“.
Радио МОФ се обиде да контактира со директорот на гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, но од обезбедувањето тврдеа дека директорот е на состанок и зафатен за медиумите, како и дека изјавите мора да се земаат надвор од училишниот двор.
Учениците наместо формални предавања денеска имаа алтернативни активности како друштвени игри, проекција на филм, но и алтернативни предавања. Тие седат во холот на училиштето и не посетуваат настава, иако како што велат дел од учениците, некои наставници продолжуваат да седат во училница и да запишуваат отсутни.
Во гимназијата „Никола Карев“, бојкотот на наставата почна во холот, но на барање на директорите продолжи надвор, велат ученици од ова средно училиште, како што може да се види на фотографијата подолу.
„Нас вчера пробуваа да нè етикетираат, „Вие сте главни во пленумот, вие ги организирате, вие ги терате децата да не одат на настава“. Пленумот има хоризонтална структура, сите се овде доброволно и очигледно гледаме дека цел „Корчагин“ сака подобро образование, сите го поддржуваат пленумот и не се оди на настава. Има сто процентен бојкот, имаме поддршка и од професорите, иако не јавно, затоа што јасно ни е зошто не може да се случи тоа“, вели ученик од трета година во „Раде Јовчевски Корчагин“.
Во однос на поддршката која ја добиваат, велат дека освен нивните родители и добар дел од наставниците се со нив, иако тоа јавно не сакаат да го искажат.
Како што велат од Средношколскиот пленум, наставата во Скопје се бојкотира во осум средни училишта. Во Тетово наставата беше прекината по вториот час во средното економско училиште „8 Септември“ кога учениците излегоа на протест, по што се разотидоа по дома. Во Охрид пак, средношколците ја бојкотираат настава во гимназијата „Св. Климент Охридски“ и седат во дворот на училиштето.
По вчерашниот делумен бојкот на наставата, во училишните клупи се вратија кумановските средношколци, додека оние од Битола, на генерален пленум во четврток ќе одлучуваат дали и во нивните училишта ќе се прогласи бојкот.
Од Средношколскиот пленум тврдо стојат на ставот дека ќе продолжат со радикализирање на своите активности се додека не бидат прифатени нивните барања за укинување на екстерното и за враќање на стариот концепт за полагање државна матура. Овие барања тие веќе двапати ги доставија до Министерството за образование, кое и покрај ветувањата, засега останува глуво на нивните барања за средба.
Е.П.