Божена Јелушиќ: Средношколците во Црна Гора учат медиумска писменост за да не бидат манипулирани

Медиумската писменост во Црна Гора е сериозна тема, а тоа го покажува и фактот што средните училишта во целата држава нудат изборен предмет со кој учениците ги изучуваат основите на медиумите, етиката и пораките што секојдневно се упатуваат до публиката.

Божена Јелушиќ е една од професорите кои иницираа медиумската писменост да биде дел од наставната програма, а денес е професорка што го предава овој предмет во гимназијата во Будва. Во разговор за Радио МОФ, Јелушиќ нагласи дека медиумската писменост помага да се спречи манипулацијата врз учениците.

Колку средношколците се медиумски писмени, со оглед на се поприсутната пропаганда? 

Воглавно тие се медиумски писмени. Тие на некој начин самите прават пропаганда, манипулација, користејќи ги социјалните мрежи како Фејсбук, но сега е потребно да знаат што прават. Тоа знаење постои, но треба да му се даде име, да си кажат што се знаат и што се медиумите можат. Нив им е потребно еден месец да сфатат што е медиумска писменост и целосно да го променат својот однос кон медиумите, но потребно е да се помине низ тренинг, низ различни ситуации, да се враќаат на најчестите проблеми, затоа е таа обука од една година, кој им помага и подоцна ги следи во нивниот успех. Забележав дека тие кои имале медиумска писменост, многу полесно се изборуваат за стипендија, многу се успешни на студиите за политички науки, така што има непосредни ефекти.

Како медиумската писменост стана предмет во црногорските средни училишта?

Јас бев една од одговорните луѓе за тоа. Во 2000 година, следев што се случува на образовниот пазар и видов дека медиумската писменост е нешто што ќе биде многу важно во иднина. Ние веќе ја проширивме дефиницијата за писменост. Некогаш писменоста беа само буквите, зборувањето и слушањето, а сега веќе задолжително ја вклучува и дигиталната писменост, а исто така, треба да ја вклучи и медиумската писменост.

Кога добив средства од Фондацијата отворено општество, заедно со колегите направивме програма, ја прилагодивме на педагошките стандарди и ја понудивме на Националниот совет за образование. Нивните стручни лица внимателно ја разгледаа програмата и ја ставиja на гласање. Таа беше прифатена како еден од задолжителните изборни предмети, односно не мора сите ученици да го изучуваат тој предмет, но школите се задолжени да го понудат.

Најважни се грасрут иницијативите, односно оние кои произлегуваат од наставниците, учениците, родителите, како што ова произлезе од наставниците, за на крај да добие материјална форма. Можеби затоа што Црна Гора е мала земја, па лесно е да се постигне видливост, мене ми беше релативно лесно благодарение на Фондацијата отворено општество која имаше слух и се случи единствено ние во регионот да имаме медиумска писменост како предмет во училиште. Но, мислам дека се повеќе во Црна Гора се размислува за тоа да прерасне во задолжителен предмет.

Како денес медиумската писменост е уредена во средните училишта во Црна Гора?

Во 2007-2008 година, се воведе предметот медиумска писменост во средните училишта и се изучува една година. Секоја недела има по два часови и се поминува низ седум модули. Прво е пристапот на медиумскиот текст, учејќи ги основните жанрови. Потоа, поминуваат низ пет клучни концепти на медиумската порака, односно дека секој медиум има свој јазик, сите различно ја примаат пораката, секоја порака има своја идеологија и вредност и дека има цел. Кога ќе го поминат системот со вежби за читање и произведување на медиумските пораки, доаѓа моментот за седмиот, или најважниот модул, а тоа е етиката во медиумите.

Тие задолжително учат за новинарскиот етички кодекс и разгледуваат решенија кои може да се најдат за медиумите. Мислам дека тој дел е најважен, секако учениците учат и како своите проблеми и иницијативи да ги пласираат преку медиумите, како да ги користат медиумите за развивање на своите идеи… Таа обука е одлична, не за новинари, туку за публиката, но секако, тоа е добра основа и ако некој подоцна сака да се занимава со тоа професионално.

Проблем со којшто ќе се сретнат сите земји е фактот дека кај нас, училиштата малку излегуваат во пресрет на потребите на учениците, туку повеќе гледаат да се овозможи вработување, да се покријат часовите на сите кои остануваат без норми. Потоа, фактот дека наставниците се лошо избрани и со мали плати и не се доволно атрактивни со тоа што го знаат и го предаваат, за да привлечат повеќе ученици.

Сепак, тоа е предмет за кој не би можеле да дадете негативна оценка, бидејќи тоа е една дигитална генерација која лесно оди напред, но добро е да се има како предмет, дури и можеби би било многу подобро да е задолжителен, и тоа не само за средношколците. Тој може да се воведе во целиот образовен систем и секако, од што порана возраст.

Проблемот кај поголемиот дел од младинската популација е критичкиот однос за она што им се пласира и да развијат критичко мислење.

 

Кој може да биде професор по медиумска писменост?

Најчесто тоа се наставниците по книженост, кои претходно треба да поминат обука. Природно доаѓа тие што се занимаваат со јазикот и основната писменост да го прават тоа и за дигиталната и медиумската писменост. Но, тоа може да бидат и професори по социологија, психологија, филозофија, или слични струки. Ние предвидовме, доколку ја поминат обуката, да се вклучат и професорите по уметност, бидејќи јазикот на медиумите влијае на свој начин. Ние обезбедивме обуки со новинари и стручни лица, имаме ЦД со наставни материјали, но секојдневната пракса е всушност предизвик за наставниците, мора да земаат нови примери, бидејќи ако тоа не е современо, односно ако не сте во чекор со денот, тогаш тоа нема да биде интересно за децата. Нив им е потребно наставникот постојано да биде подготвен и да одговара на нивните интереси, а тоа многу интересно.

Во моето училиште, во Будва, учениците со драга волја го бираат овој предмет и добивме една од првите пет награди на Академијата за европски школи во тој дел.

Дали можеби ова смени нешто кај нив?

Учениците имаат голем интерес за медиумска писменост, но тука се јавува уште еден проблем. Вие имате обврска на екстерно и на матура да соберете одредени бодови за предмети кои сакате да ги полагате. Во матурискиот стандард не влегуваат оцените од одредени изборни предмети, како што е медиумската писменост, така што учениците некогаш се на раскрсница, дали да ја завршат својата обврска, или да го прават тоа што го сакаат. Тие тој избор го прават во втора година, но би било многу подобро доколку тоа го направат во трета година, бидејќи една година многу значи.

Работат на проекти, секогаш имаме посебна програма од нивните материјали. Тие прават реклами, кампањи, презентации, учествуваат дополнително на натпревари, но во другите училишта забележав дека има поголем проблем, а тоа е нормата на часовите и фактот дека на учениците им се нудат само оние часови каде има вишок на наставници. Така што, се усложнува изборот и учениците не бираат, туку им е наметнато.

Во изминатиов период, повеќе организации во Македонија изразуваат загриженост поради политизирањето на средношколците во корист на одредени политички партии. Дали можеби тоа влијание врз средношколците би било послабо доколку тие се медиумски писмени? 

Тоа е една од причините зошто сакавме да воведеме медиумска писменост. Во 1991 година, кога почна војната и се распадна Југославија, таа првично започна во медиумите и дури потоа се пренесе на борбено поле. Почна во јазикот, во она што се пишуваше. Сега, очигледно, сите наши држави, а тука мислам и на Македонија и на Црна Гора, Србија, БиХ, Хрватска, сцената ја прават внатрешно медиумските војни, како што е прикажано во филмот „Wag the Dog“, кога се произведува војна што не постои, за да се добијат претседателските избори во Америка.

Луѓето ја произведуваат медиумската реалност и тешко дека вие можете да им објасните на децата, или на некој начин да им кажете кои се кредибилни медиуми. Подобро нивните очи да бидат кредибилни, нивната глава, па тие да одберат. Но, факт е дека луѓето сакаат лоши медиуми, тие сакаат скандали, сакаат ѓубре. Проблемот е дали учениците ќе знаат да направат разлика каде започнува едно кредибилно новинарство, со извори, докази. Инаку, лично, веќе не знам дали постојат кредибилни медиуми.

Колку за вас беше предизвик да се вметне медиумската писменост како предмет, но и да се биде професор? 

Па и да, и не. Не, затоа што тоа навистина го сакав тоа и за мене беше уживање. Да, работата како наставник е навистина тешка, но нема поубава. Со оглед на ниската плата изгледа глупо да се прави тоа, но уживањето е вистинската мера на сите работи, а јас навистина уживам предавајќи медиумска писменост и моите ученици го обожаваат предметот. Нивните оцени се одлични, има по некоја тројка, но никогаш единица. Мислам дека и тоа е суштината на образованието, нив да им биде убаво, да научат нешто и да сфатат дека училиштата постојат за нив.

Е.П.