Медиа/Арт клубот на Младински образовен форум од Тетово вчера го реализираше настанот „Што му недостига на мојот град“, пренесува mladite.mk.
Настанот започна со работилница за запознавање на членовите на клубот и граѓаните со историското минато на Тетово, водена од страна на искусниот познавач на градот Дарко Гавровски. Во вториот дел од настанот беше поставена мобилна табла со интерактивна мапа од Тетово, поделена по региони и улици на која што младите и граѓаните ги изразуваа проблемите и идеите.
„Денешниот настан е поттик за младите, но и за сите граѓани на Тетово да ги искажат проблемите кои ги засегаат, на интерактивната табла ќе можат точно на местото каде што смеетаат дека е проблемот да го посочат“, изјави Бобан Костадиновски од Младински образовен форум.
Од посочените проблеми може да се види дека на младите им недостига кино, базен, јавен превоз, паркови, чист воздух, улици без дупки, но има и идеи како што е тетовската депонија која не им се допаѓа. Од таму велат дека сите проблеми и идеи ќе бидат преточени во извештај кој што ќе биде доставен до општина Тетово за натамошно усвојување и реализирање.
Целта на настанот е да се поттикнат младите да се активираат во нивната локална заедница, подобрување на интеракцијата со локалните институции и поголемо учество на младите во носењето на одлуки на локално ниво.
Настанот беше резиме на неколкумесечните обуки кои ги посетуваа младите во рамките на Медиа/Арт клубот.
Во моментов постојат пет такви клубови во Македонија и тоа во Скопје, Тетово, Велес, Неготино и Струга и сите активно работат на создавање креативни и интересни содржини на општествено релевантни теми кои се од интерес на самите членови. Настанот е поддржан од NED (National Endowment for Democracy).