Црвен аларм за воздухот, енормно загадување во Скопје, Тетово, Битола и Кавадарци

Воздух со десетпати поголемо загадување од ПМ10 честички дишеа ноќеска скопјани. Алармантно беше нивото на загадување и во Тетово, Битола и Кавадарци. Податоците кои се објавуваат на веб страницата на министерството за животна средина покажуваат дека енормното загадување се повторува секоја вечер во текот на изминатата седмица, за да кулминира во Тетово, ноќта меѓу вторникот и средата. Тогаш беа измерени дури 830 микрограми  ПМ10 честички на кубен метар, или за речиси 17 пати повеќе од дозволените 50 микрограми.

„Ова не е нормално, надвор не се дише,“„ Ужас“, „Ќе испоумреме“, коментираат скопјани на социјалните мрежи. Во главниот град најлоша е состојбата во Лисиче, каде мерната станица покажува дека во текот на оваа седмица, секоја ноќ загадувањето на воздухот со ПМ10 честици е поголемо од претходната.

Синоќа, беа измерени 535 микрограми  ПМ10 честички на кубен метар.

Лисиче

Речиси константен раст на загадувањето на воздухот со ПМ10 во текот на ноќта, излинатата недела, може да се забележи и во останатите скопски општини, каде што има поставено мерни станици. Во Гази Баба синоќа концентрацијата на ПМ10 стигнува до 339 микрограми на метар кубен, на Ректорат се измерени 282 микрограми, во Карпош 263 и Центар 251 микрограми ПМ10 на метар кубен.

zagaduvanje

Синоќа Тетовци дишеа „само“ 12 пати позагаден воздух со ПМ10 од максимално дозволеното, односно во 19 часот беа забележани 600 микрограми ПМ10 на метар кубен. Како што покажуваат податоците на Министерството за животна средина, дури 289 дена годинава во овој град загадувањето на воздухот со ПМ10 ги надминало критичните вредности.

tetovo

Загадување на воздухот над дозволените максимални граници синоќа забележаа и мерните станици во Битола и Кавадарци. И овде, во текот на изминатата седмица има константен раст на загадувањето. Синоќа во Битола биле измерени 375 микрограми ПМ10 на метар кубен, додека кавадарчани дишеле 6 пати позагаден воздух од максимално дозволените граници.

Untitled

Доколку максималната концентрација на прагот на ПМ10 честичките во пет последователни дена има среднодневни концентрации над 50 микрограми на кубен метар, од Министерството даваат препораки за однесувањето на граѓаните. Препорачуваат користење јавен превоз, за затоплување да не се користи прегорено отпадно масло, лакирани и боени отпадоци од дрво и мебел, пластика , гума и синтетички материјал. Засега нема најави од општините за преземање конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот.

Ј.Ј.