Даниел Денковски е еден од ретките во Македонија кои ја имале шансата да останат во државата, а сепак да добијат можност да работат со светски компании. Тој со своите 29 години има работено на повеќе европски проекти, а своите идеи и работа ги преточува во научни трудови објавени во реномирани списанија. За Радио МОФ вели дека последната година му била најплодна за што беше награден со признанието „Најдобар млад научник“ кое му го додели претседателот Ѓорге Иванов. Во интервјуто тој зборува за проектот во кој е вклучен во моментов, но и за предизвиците со кои се соочуваат младите научници во Македонија.
Кажете ни за вашите почетоци, како се роди желбата за да се одлучите да се запишете на Факултетот за електротехника и информациски технологии?
Одбрав на Електротехнички затоа што на некој начин ја сакам технологијата, а телекомуникации затоа што телекомуникациите доживуваат страшен раст во последно време. Откако завршив на телекомуникации, се запишав на постдипломски студии во насока безжични мобилни мрежи затоа што ми беа поинтересни. Оној концепт да бидеш поврзан секаде, во било кое време, со секого – тој концепт најмногу ми се допаѓаше. За време на магистерските студии почнав да работам во истражувачката група кај професорката д-р Лилјана Гавриловска и почнавме со истражувањата. Прво почнавме еден европски проект кој беше од областа на когнитивното радио. Од таа област ми беше и магистерската. Работата што ја сработив во проектот со колегите од „Вин груп“, дел од работата ми влезе во мојата магистерска теза. Потоа, успехот што го достигнавме како група во тој проект ни донесе уште три нови проекти, исто од областа на когнитивното радио и јас продолжив да работам во таа насока. Почнав да работам на докторатот.
Што ве задржа овде , во Македонија, со оглед на тоа што има голем број на млади кои решаваат својата кариера да ја продолжат во странство?
Најмногу одлучив да останам тука затоа што имав можност да работам европска работа, истражување, што е реткост во Македонија да работиш на истражување, со европски проекти, да се натпреваруваш на светската сцена со тоа истражување што го работиш, а сепак да живееш во својата држава. Тоа се услови кои ретко кој ги има во државата и професорката Лилјана Гавриловска со нејзината група ми го овозможија тоа.
Колку во Македонија вашата струка има потенцијал да се развива во полето на истражување?
Со европски фондови има услови, реално. Можеби е потешко првиот чекор да се направи, да се добијат оние првите, добри проекти од Европската Унија, да се создаде таа мрежа на поврзаност со институции надвор од државата како што се реномирани факултети од Германија, од Шведска, од Англија. Исто, реномирани фирми и корпорации како British Telecom, France Telecom, Erickson, Huawei, сите тие беа дел од нашите проекти. Значи, првиот проект да се добие е најтежок. Ако се заврши добро работата во првиот проект, тогаш добивате добри од европската комисија за вашиот проект и добивате мрежа од свои партнери коишто би ве поканиле пак во следни проекти.
Во моментов сте вклучени во неколку проекти, за што станува збор?
Во моментов сум вклучен во два проекти, едниот е од FP7 Рамковната програма на Европската Унија е интеграциски проект, од областа на сензорски мрежи инсталирање на сензорски мрежи во домовите на изнемоштени и стари лица за потпомагање на нивниот живот и олеснување воедно на нивниот живот. Посебно за болните од заболување на респираторниот систем и болни од склероза. Ние воглавно работевме на сензорскиот дел, затоа што сме група што се занимава со безжични и мобилни мрежи и го покривавме делот што се однесува на сензорите и сензорските мрежи кои ќе се инсталираат во домовите на старите лица
Кои се вашите очекувања во врска со тој проект, со што треба да резултира на крај?
На крајот од проектот треба да излезе прототип, решение во домот, сензорска мрежа вклучена со екран на којшто можат да ја контролираат преку апликацијата за стари лица и клауд решение во кои ќе бидат складирани сите информации, дали се доволно активни физички, ментално, да ги поврзат тие информации со нивните медицински установи, нивните лекари и да можат да ги надгледуваат постојано.
Што е со средствата кои ги вложува државата. Дали државата дава доволно средства или се недоволни?
Од наша перспектива, искористивме многу мал дел од средствата од државата. Процентуално средствата од државата беа многу помалку од средствата што ни ги овозможи Европската Унија. Сериозно истражување со средствата што ги овозможува нашата држава мислам дека не може. Затоа што треба премногу финансии, да се набави опрема. Како прво требаат стотици илјади евра, сериозна опрема којашто може потоа да се искористи во проектите и врз база на таа опрема да се прави сериозно истражување. Теоретска работа без практична работа не се цени како што треба.
Според вас, каков е статусот на еден млад научник, во ова македонско општество?
Моментално би бил со статус невработен, хонорарно да прима средства од проекти, така функционира тоа моментално во државата. Во фирмите е тешко со истражување бидејќи нашите фирми обично немаат оддел за тоа, така што потешко е таму. Евентуално на факултетите со истражувачките групи со финансирање на проекти од државата, има и такви со помалку средства, проекти од Европската Унија како и фондови од НАТО што може да се искористат.
Бевте десет години дел од овој образовен систем. Како од денешна гледна точка го доживувате? Што е она позитивното кое сте го стекнале, а што е она што недостасува и на што треба сè уште да се работи?
Позитивното е што сепак нашиот образовен систем, барем во моето време, беше систем кој правеше добра основа, теоретска основа. Можеби практичниот дел беше малку занемарен во тоа време, но сега се опремија и лабораториите кои студентите можат да ги искористат, да го искористат во пракса она што теоретски го научиле.
Во последниов период, задолжителната математика на матура е тема која предизвика дискусии, а воедно и револт меѓу средношколците кои излегоа на неколку маршеви, а во моментов и ја бојкотираат наставата. Како вие гледате на ова? Дали задолжителното полагање математика на матура ги решава проблемите во образованието?
Искрено не сум толку запознаен со проблемот, но сметам дека математиката е битна во образовниот процес. Во средното образование мора да постои како предмет, можеби онаа профилација треба да се направи уште во средното образование, кој сака да ги учи основите на математиката, а кој сака да се занимава со некоја понапредна математика што ќе си ја искористи после во техничките науки. Во општествените науки е битна, за развивање на онаа логика на размислување што сама по себе си ја носи математиката, но понатаму не е до толку (н.з. битна).
Што би им посочиле на младите како совет?
Според мене секој би требало да си го работи тоа што сака да го работи. Слободно, отворени, впуштете се во тоа што сакате да го работите. Искрено јас, од моја гледна точка јас никогаш не би сакал да работам во корпорација, затоа што те обврзуваат да работиш на еден проблем, да си во канцеларија целото работно време и тоа ми личи повеќе на административна работа, не би сакал да го работам тоа. Мислам дека го направив правилниот избор во мојата профилација. Сакав да продолжам истражување и останав тука поради условите што ми беа овозможени, да не беа овие услови ќе заминев.
Емилија Петреска