Подмладоците на повеќе политички партии во земјава деновиве одговараат на прашањата на Радио МОФ, за проблемите на младите, нивните приоритети и цели кои се поврзани со младите. Серијата интервјуа, кои се составени од исти прашања испратени до сите партиски подмладоци, ги пренесуваме интегрално, овој пат со Дарко Давитковски, претседател на Социјалдемократската младина на Македонија.
Кои се главните цели на подмладокот на вашата партија и кои се вашите приоритети?
Пред се СДММ во целост ги прифаќа статутот и програмските определби на Социјалдемократскиот Сојуз, но во своето работење развива сопствени цели и начела врз кој се базира работата на Социјадемократската младина. Како основни начела се јавуваат: целосно почитување на човекот, на неговото достоинство и на неговите основни права и слободи;развивање на плуралистичко, праведно и солидарно општество на социјална демократија;развивање на економска демократија и остварување на правата на работниците;остварување на социјална и национална еманципација на граѓаните;развивање на Македонија како суверена, демократска и правна држава;обезбедување на сите човекови права и слободи на Македонците во соседните земји и развивање на постојана духовна и културна комуникација со нив и со иселениците;развивање на европската ориентација во Македонија и нејзино непосредно вклучување во европските интеграциони процеси.
– Кои се најважните проблеми за младите во земјава?
Иако веќе многупати се говорело за проблемите со кој се соочуваат младите луѓе, сепак тие остануваат како проблем кој се појавува повторно и повторно низ годините. Би рекол дека тоа е образованието, вработувањето но и правата кои треба да ги добијат, а да бидат регулирани во закон. Овие три проблеми се поврзани еден со друг и решението за “проблемот” со младите може да се најде доколку се сфати дека треба да постои заедничко решение за сите три “помали” проблеми, со еден закон за млади.
– Како им овозможувате на вашите членови да учествуваат во работата и управувањето на подмладокот?
Пред се битно е да се каже дека Социјалдемократската младина својата организациона поставеност е иста како кај Социјалдемократскиот сојуз. Што значи дека има Локални Клубови кој се организации кои постојат во скоро сите општини низ државата. На централно ниво постои Конференцијата која ја сочинуваат сите ЛК со своите преставници на која бираат Претседател на СДММ и Централен Одбор кој помеѓу две седници на Конференцијата е највисок орган на одлучување и кој го избира Извршниот одбор на Младината. Ваквиот начин на поставеност гарантира вклученост на голем број на членови во донесувањето на најбитните одлуки за младината како и програмата по која ќе работи во наредниот период младината.
– Кои се најголемите постигнувања на подмладокот на вашата партија за 2012-тата година?
Чекорите кој што ги превземаме и одлуките кој ги носиме, не се битка на едно раководство или постигнување во едно време, тоа се незапирачка борба за подобра иднина на сите млади луѓе во државата. Незнам кој се најголемите, но би набројал дел од успесите за кој мислам дека треба да ги спомнам. Како младина бевме домаќини на голем број на меѓународни конференции кои ги организиравме во Македонија за што добивме признание од подмладоците на европските партии како најактивна младина на Балканот. Се гордеам со семинарите и обуките кој им ги организираме на младите затоа што сметам дека и неформалното образование придонесува да се развиваат нови млади политичари кој ке освојуваат со својот квалитет. Акциите и активностите кои теренски ги работевме насекаде низ државата и на сите бројноста на младите беше огромна. И би кажал, решителноста истрајноста но и единството кое што го демонстриравме изминатиот период.
Кристина Озимец