Вториот кандидат за претседател на Студентскиот парламент на УКИМ е студентот од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство Давор Поповски. На изборите кои се закажани за 30 јуни, тој доби поддршка од седум факултети. Во интервју за Радио МОФ, тој вели студентите треба да гласаат за него, бидејќи се залага за европски студентски стандард и дека нуди реални решенија за конкретни проблеми. Поповски одговори на нашите прашања преку мејл, со објаснување дека е премногу зафатен овој период.
Кои се поважните проекти кои би ги издвоиле од неа?
Еден од најважните проекти за мене е „Стратешка ре-организација и тотална транспарентност на СПУКМ“. Постојана достапност за студентите, јавни трибини, редовни извештаи за сработеното на квартално, полугодишно и годишно ниво, како и заедничко решавање на секој проблем. Целосно сакам сите студенти кои имаат желба да бидат вклучени во работата на СПУКМ, бидејќи заеднички секогаш сме посилни и попаметни, впрочем, ние младите, студентите, сме двигатели на општеството.
„Подобрување на студентскиот стандард“ е примарно, ќе се залагаме за европски студентски домови, ќе го решиме проблемот со недостаток на оброци и ќе го зголемиме квалитетот на истиот преку барања и рокови кои ќе им ги испорачаме на надлежните. Не смееме да си дозволиме да ни се случува тоа – што за жал беше пракса во минатото.
Ќе се избориме за редовни попусти од локалите кои им се најпотребни на студентите, како и намалување на цената на картата на меѓуградски превоз преку проектот „Student Friendly Place“. Ќе дадеме предлог за измена во Законот за вработување која ќе му овозможи на секој редовен студент во Македонија да биде вработен на половина работно време со однапред дефиниран минимум платен час/бод, и за истото ќе се залагаме се до негова реализација.
Крајниот рок за да ги придобивате гласовите на студентите е 29 јуни, па според тоа, како планирате да ја водите кампањата?
Секојдневно имам средби со групи студенти, ги слушам нивните предлози како може да се подобри студентскиот живот, некои од нив веќе се ставени во мојата програма, а некои дополнително заеднички ги разгледуваме и бараме решенија. За мене најдобра кампања е другарството со студентите, за коешто и ќе се залагам во иднина. Универзитетско вмрежување, искреност и заедничка работа ми се во прв план, убеден сум дека студентите тоа го препознаваат и дека ќе ми ја дадат довербата.
Според достапниот правилник на СПУКМ, кандидат за претседател на организацијата не смее да биде постар од 24 години, но вие имате повеќе од 24 години. Се плашите ли дека ова може да ја доведе во прашање вашата легитимност за кандидат за претседател на СПУКМ?
Откако сум дел од студентското организирање, првпат слушам дека некогаш имало вакво правило, проверив и во последниот статут на СПУКМ доставен до Централен Регистар и не прочитав ваков услов. Меѓудругото, голем број од претседателите на националните студентски унии ширум Европа, со кои соработуваме, се доста повозрасни од мене и поради тоа кога би имало ваков предуслов мислам дека не би бил полезен, а во моментот го нема.
Како дознавте за изборите и како успеавте за десетина дена да ја подготвите кандитатурата, а со тоа да добиете и поддршка од седум факултети?
Искрено, очекував изборите за нов претседател на СПУКМ да се одржат уште пред повеќе од една година. Од тогаш бев решен дека сакам да го подобрам студентскиот стандард на македонскиот студент, како што и споменав погоре, уште од тогаш правам анализи се со цел да ја склопам програмата која реално ќе ги реши проблемите на студентите, а нема да работам со нереални проекти за коишто може ќе требаат и повеќе од пет години да се реализираат. Сепак, нашиот мандат трае само две години. Па затоа, кога го видов повикот веднаш ги подигнав документите за кандидатура. Кога станува збор за поддршката од другите студентски парламенти, можам да се пофалам дека поради добрата соработка која ја имавме во минато со парламентите по матични факултети, не ми требаше повеќе од половина час за да ја обезбедам истата. Доколку е потребно, слободно можете да се обратите и до нив за да ви дадат мислење за мојата посветеност и решеност за некои работи да се променат.
Изборите ќе се одржат во период кога голем дел од студентите не се во државата, или си заминале во своите родни градови. Кој е вашиот став за ова и дали сметате дека на ваков начин им се оневозможува правото на глас?
Да бидам искрен не се согласувам дека бројот на студенти кои се на летна работа надвор од државата (Work&Travel) е енормен или до толку голем да би претставувало проблем да се одржат изборите и мислам дека со тоа што јас сум решен да допринесам за подобар студентски стандарт не попречувам некого да гласа, напротив – тоа треба да биде еден поттик плус да моите колеги кои живеат надвор од Скопје, а во моментот се заминати, да дојдат и да ме поддржат за тоа што е наша заедничка цел – почитуван УКИМ со успешни студенти.
Дали би поддржале одложување на изборите во месец септември?
Што се однесува до мене, јас сум спремен да одам на избори на било кој датум, меѓутоа, сметам дека доста беа одложувања.
Што според вас се успешно спроведени избори?
Успешно спроведени избори за мене се кога легално и легитимно студентите ќе го изјаснат својот став и го дадат својот глас. Сепак, целосно треба да се запазат сите правни акти и постапки.
Во декември минатата година беа исечени дрвја во кампусот на УКИМ, за да се направи простор за новите згради на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура. Кој е вашиот став околу ова прашање? Дали сметате дека тоа беше неопходно?
Студентите на ФИНКИ И ФФК навистина се образуваат во тешки услови. Повеќе можам да говорам за факултетот од каде доаѓам. Поради проблемот со простории, веќе речиси е неизбежно студентите да полагаат по два, а некогаш и повеќе испити во еден ден. Верувајте ми дека тоа е навистина тешко. Имаат паузи од по три, четири часа помеѓу предавања, со тоа речиси да ти е уништено и поголемото слободно време од денот, кои студентите од други факултети го користат за учење, спортување, меѓусебна дружба итн. Навистина е жално што се исекоа дрвата, но, не сакам да звучам пристрасно кон студентите од мојот факултет, ама сметам дека и тие, како и студентите на ФФК заслужуваат еднакви услови со студентите од другите факултети на Универзитетот. Еве, преку вас и за прв пат јавно изјавувам дека ќе се борам со сите мои сили, овие студенти да го добијат она што заслужуваат.
Пред две години започнаа протестите против измените во Законот за високо образование, кога илјадници ваши колеги беа, меѓудругото, против државниот испит. Дали вие присуствувавте на протестите?
Присуствуав. И тоа не само јас, присуствуваа и голем дел од луѓето со кои имаме повеќегодишна соработка. Од старт, за да бидеме на чисто, јас сум против државен испит кој допира до автономијата на универзитетот и прави дополнителен стрес кај студентите. Безмалку секој еден од нас беше свесен дека тоа нема да се реализира и дека нема да дозволиме реформа која е избрзана и само би наштетила на студентите и образованието.
Според вас, што треба да се смени во Законот за да се подобри образованието? Колку реално е потребен државниот испит за проверка на знаењето на студентите?
Најпрво, би сакал да кажам дека за да се смени Законот на високото образование, во негова изработка задолжително е да има вклучено поголем број на студенти. Студентите се оние кои најреално ги знаат бидејќи директно ги осетиле проблемите во образованието. Идеите на секој млад човек се многу помодерни и посоодветни за реално решавање на проблемите. Според мене, студентот мора да е центарот на образовниот процес. Ова подразбира поинаков пристап на целото студирање, односно студентот преку активно учење и комуникација со своите колеги и професори ќе успее да совлада знаења и вештини кои ќе помогнат во решавање на предизвиците на студентот околу студирањето и неговата идна работа. На прашањето околу државниот испит, не сметам дека треба да го има. Кога веќе би имале некаков испит, тоа треба да е приемен испит за влез на факултетот. Не ја гледам поентата студентите да бидат дополнително оценувани откако веќе ќе бидат примени на одреден факултет.
За на крај, зошто студентите би гласале за вас?
Затоа што ќе се залагам за Европски студентски стандард. Имам програма со која нудам решенија на реалните проблеми и која целосно ќе ја реализирам во текот на мојот две-годишен мандат. Отворен сум за соработка со секој и сакам да ја вратам транспарентноста на универзитетекиот парламент.
Е.П.