Дали последното решение за математиката е разумно или пак го крати правото на избор на одреден дел од средношколците? Кој е легитимен претставник на средношколците и зошто Министерството за образование и наука го игнорира Средношколскиот пленум? Има ли државата стратегии и план за образованието, со оглед на тоа што голем дел од предлозите во последните месеци целосно паднаа во вода под притисок на критичката и академската јавност? Ова се само дел од прашањата за кои ќе разговараме на дебатата на Радио МОФ насловена „Задолжителна математика за дел од матурантите – дискриминациска одлука или разумен компромис?“.
Полагањето математика како дел од државната матура нема да биде задолжителен за сите ученици во средните училишта, туку само за учениците кои го одбрале природно – математичкото подрачје. Министерството за образование и наука ја соопшти оваа одлука откако се сретнале со Унијата на средношколци на Македонија, чекор кој од многумина беше оценет како уште едно ретерирање на Владата откако средношколците се одлучија да излезат на улица. Средношколскиот пленум не беше поканет на средбата и според нив одлуката дел од средношколците да полагаат математика е дискриминациска и договорена со нелегитимна организација која има неактивен статус од 2013 година.
Гости во дебатата ќе бидат:
Огнен Ханџиски – претставник на Средношколски пленум
Ненад Новковски, професор на Природно-математичкиот факултет и поранешен министер за образование и наука
Даниела Ѓорѓевиќ, претставник на Наставнички пленум и професор во средното училиште „Ѓорѓи Димитров“
Се чека одговор на поканата на претставниците на Средношколската Унија на Македонија и Министерството за образование и наука.