Образовниот процес во Македонија е на многу ниско ниво, а инклузијата ја има само на хартија, смета Ема Ананиевска, апсолвент на факултетот за музичка уметност која има целосно оштетен вид.
„Срамота е во 21-ви век, при таква технологија, сè уште да зависиш од некого за да можеш да учиш“, порача таа на дискусијата за младинските потреби во програмите на политичките партии, додавајќи дека во текот на образованието немала никаква литература на Bрајово писмо и дека и понатаму се снаоѓа на најразлични начини за да може да го учи потребниот материјал.
„Имаме многу проблеми за кои можеме да дискутираме. Во однос на вработувањето, немам искуство, но, како ми се ближи дипломирањето почнува да ме фаќа паника. Од луѓето со попреченост кои ги познавам, можам да кажам дека условите се многу лоши. Се носат разни стратегии кои се краткорочни и само на хартија, за добивање поени на политичките партии“, истакна Ананиевска.
Александра Филипова од Младинскиот образовен форум посочи дека образованието треба да се сфати како воспитно образовен процес, пред сѐ. Клучно, според неа, е професорите и наставниците да се добри педагози.
„При креирање на образованието и програмите, потребна е консултација со сите засегнати страни со цел да биде инклузивен процес. Од особена важност е образованието и знаењето што тоа го нуди да соодветствува со пазарот на трудот, со цел да нема хиперпродукција на одреден тип кадар и младите полесно да се вработуваат“, рече Филиповска.
Театарскиот режисер и активист Ирена Стеријовска мисли дека луѓето немаат надеж дека може да биде подобро, бидејќи долго време не сведочеле на пример на успешна приказна од младите.
„Политичките партии треба да имаат на ум дека ентузијазмот во општеството го креираат младите, а ентузијазмот е битен за да се развиваат младите индивидуи. На младите им се одземени формите на здружување, а здружувањето е тесно поврзано со надежта дека нешто може да се направи. Гарантирам дека македонското општество нема никаква иднина се додека младите не почнат да функционираат и тука да бидат среќни“, посочи таа.
Правникот Иван Дургутов повика младите да гласаат и на тој начин да го кажат своето мислење за проблемите со кои се соочуваат и статусот кој го имаат, цитирајќи ја мислата дека ‘лошите водачи на државите се избираат од добрите граѓани кои не излегуваат на гласање’.
„Сме можеле да прошетаме на екскурзии во странство и да видиме дека со студентска легитимација од Македонија повеќе права имаме во Романија и Бугарија, отколку во сопствената држава. Ако се опкружиме со млади луѓе, сите тие се апатични и демотивирани, сметаат дека со излегувањето на избори не може да променат нешто и тоа влијае младите единствениот спас го гледаат во излезот од оваа држава, но тоа не би требало да биде така. Иако велат дека ‘молчењето е злато’ – јас би го модификувал тоа и би рекол дека ‘’молчењето е злото’, објасни Дургутов.
Панел дискусијата беше организирана од „People to People International – Skopje“
Даниел Евросимоски