Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни Скопје, организира добротворен настан и дружење по повод 1 декември – Светскиот ден на СИДА, под слоганот „Лекот за ХИВ сме ние“.
Во него со свои дела и изработки се вклучија уметниците Дороти Пачкова, Бојан Ковски, Владимир Лукаш и Огнена Поп-Андонова, како и Скопското астрономско друштво кое донираше свои фотографии. Овие дела ќе бидат предмет на јавна аукција. За музиката, пак, ќе се погрижат Дани и нејзиниот бенд.
Добротворниот настан ќе се одржи во Нола Бар со почеток во 20:00 часота, а е организиран со поддршка на Time for Macedonia (Тime to Travel) и Фондот за население на Обединетите нации УНФПА / UNFPA.
Сите присутни можат директно да се вклучат во добротворниот настан, а Нола Бар ќе донира 20 отсто од остварениот промет.
Како што информираат од Здружението, сите средства што ќе се соберат од добротворниот настан, како и минатите години, ќе бидат наменети за оние луѓе што живеат со ХИВ, кои при тоа се наоѓаат во исклучително неповолна социјална состојба, а дополнителен проблем претставува да останат во здравствена грижа и редовно да ја добиваат својата терапија.
„Освен тоа, со еден ваков симболичен настан придонесуваме за поголема свесност за прашањата околу ХИВ во јавноста. Во таа насока слоганот „Лекот за ХИВ сме ние“ ја отсликува пораката дека сите треба да се информираме за ХИВ, да практикуваме безбеден секс и редовно да се тестираме. Доколку навремено се открие инфекцијата и редовно се зема терапија, со ХИВ се живее долг и квалитетен живот“, се вели во соопштението за настанот.