Овој март, во Капан ан, (Стара скопска чаршија), поклониците на клабинг културата ќе имаат можност да уживаат во богата програма. Во серијата настани наречена „Три тејковери”, ќе продефилираат шест диџеи, а ќе бидат претставени три жанра на електронската бас музика – драменбејс, џангл и дабстеп.
Благодарение на напорите на Скопје Вавилон, во мартовските саботи (почнувајќи од оваа), домашната публика ќе може да проследи врвни диџејски изведби на артисти од Франција, Англија и Швајцарија.
За 8 март, доаѓа драменбејс екипата која моментално е позната на клабинг сцената во Франција – Factor[i]Crew. Основачите на оваа асоцијација – диџеите Kélib и B-Man, ќе ја пренесат атмосферата на далеку прочуените Big Room журки, кои ги организираат во својата земја.
На 15 март ќе има претставување на најстарото и најдоброто драменбејс радио на светот – KOOL FM. Со скоро четврт век традиција, ова радио учествуваше во зачетокот на еден од најинтригантните жанрови во модерната електронска музика – џанглот. Од неодамна, се емитуваат само на Интернет и го променија називот KOOL LONDON. Посебен куриозитет претставува фактот што KOOL LONDON никогаш не одржал промотивен настан вон границите на Велика Британија. Така, скопјани ќе имаат привилегија да бидат публиката, која ќе го проследи дебито на ова легендарно радио на меѓународната сцена.
Да се има емисија на KOOL LONDON е посебна чест и престиж за секој диџеј, а во Капан ан доаѓаат DJ Chef и Junior Buzz. Првиот е жива легенда на џангл музиката, а доаѓа од Јужен Лондон – расадникот на бас артисти. Основач е на неколку дискографски куќи – Caution Recordings и Emcee Recordings – меѓу другите.
Вториот претставник на KOOL LONDON – Junior Buzz ѝ е добро познат на македонската публика – доаѓа по трет пат. Во претходните настапи покажа дека е мајстор на својот занает и стекна статус на миленик кај скопските клабери.
Богатата мартовска понуда во Капан Ан, ќе ја заокружат швајцарците од Цирих – DubExMachina. Се работи за проект на дабстеперите Guyus и new.com, кои се едни од најактивните промотери на бас музиката во Европа. Овие искусни артисти се врвни познавачи на еден од најновите правци во електронската музика – дабстепот. Во Скопје ќе претстават селекција од најдоброто и најактуелното од овој жанр. Дефинитивно настан што ни еден озбилен дабстепер не смее да го пропушти.
Оваа несекојдневна понуда ќе ја збогатат домашните диџеи: Нерсес Малакјан, Jungle Allies и Аномалиа Натива.
Секој од овие настани ќе може да се проследи по симболична сцена– 150 денари. Заслугата за овој серијал настани, кој го враќа главниот град на Македонија на мапата на европската клабинг сцена – припаѓа на Скопје Вавилон, заедно со организациската логистика на MJM (Macedonian Junglist Movement).