Законот за високо образование ќе биде одложен. Ова е исходот на средбата помеѓу претставниците од Студентскиот и Професорскиот Пленум, претставници од Ректоратот на УКИМ и премиерот Никола Груевски, соопштија по средбата ректорот на УКИМ Велимер Стојковски и преставници на студентите, објави Радио Слободна Европа.
Одредбата за државен испит ќе биде одложена за една година, а некои од другите спорни одредби и на подолг рок. Средбата во Владата беше свикана на бирање на премиерот.
Од Студентскиот пленум рекоа дека годинава ќе се трудат да укажат на сите недоследности на законот. Тие на својот Твитер профил напишаа дека ништо не е договорено и сите студенти заедно ќе одлучат дали ќе ја прифатат понудата на премиерот.
„Дечки, денес ништо не беше договорено, туку премиерот излезе со ПОНУДА. Дали ќе се прифати ќе одлучат сите студенти заедно!“, пишува на твитот.
Непосредно по денешната објава на Твитер, Студентски пленум соопшти преку својата Фејсбук страница дека нивни претставници присуствуваат на ненадејно свиканата средба во Владата на РМ со премиерот Груевски, како дел од работната група на УКИМ, заедно со претставниците на Професорскиот пленум.
„Сомнително е зошто Владата повторно по последниот момент менува одлука за заседавање на комисија, особено кога таа не треба да ја води дискусијата за законот за високо образование – туку треба да биде набљудувач. Го потсетуваме премиерот дека дебата за високото образование треба да се води на универзитетот, а не во Владата“, се вели во соопштението.