21 Здружение на граѓани поттикнати од маргинализираната положба на жените во Македонија решија здружено да делуваат за унапредување на родовата еднаквост во државата и јавно ја потпишаа Декларацијата за родова еднаквост со што се приклучуваат кон Платформата за родова еднаквост.
На прес конференцијата се обратија Неда Коруновска, претседателка на Реактор, Кристина Плеќиќ Беќарова, проектен координатор во ХЕРА и Марија Савовска од Акција Здруженска, кои ја истакнаа потребата од проширување и забрзување на напорите за промовирање и вградување на принципот на родова еднаквост во сите области и на сите нивоа во државата. Говорниците напоменаа дека реформите за воспоставување на родова еднаквост се одвиваат многу споро и дека со ова темпо нема да се постигнат промени уште долго време.
Здружувањето доаѓа и како реакција на сеприсутните патријархални вредности, јазот во распределбата на општествените добра и моќ, маргинализираниот социјален, економски и политички статус и положба на жените во Република Македонија.
Од платформата сметаат дека во изминатите неколку години еднаквата позиција на жената во општеството е ставена под прашање со Законот и подзаконските акти за прекинување на бременоста, медиумските кампањи против абортус, Законот за превенција и заштита од семејно насилство и законските измени за плаќање на здравствено осигурување за авторските и договорите за дело.
Платформата за родова еднаквост е независна и неформална мрежа на македонски невладини организации, претставници на граѓанското општество и индивидуи кои се посветени на градење на еднакво општество и промоција на родовата рамноправност. Платформата ќе делува во вкупно шест области и тоа економија, образование, репродуктивни права и здравје, родово базирано насилство, пристап до услуги после преживеано насилство, социјална политика и учество на жената во политиката.