Еколошки организации: Го губиме УНЕСКО статусот поради „развојните проекти“ на власта

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на последната седница во Истанбул изрази сериозна загриженост за иднината на охридскиот регион. Воедно, ја нагласи можноста наредната година тој да биде вклучен на Листа на светско наследство кое е во опасност, поради бројните инфраструктурни проекти предложени од власта.

Според Миа Лозановска од Фронт 21/42, овие проекти ќе имаат разорно влијание врз природните вредности на овој регион.

„Станува збор за нанесување штети од голем размер на нашето древно езеро, кое успеало да опстои 2-5 милиони години и кое не би можело да продолжи да опстојува доколку се реализираат овие проекти. Езерото е дом на ретки и уникатни форми на живот, кои се среќаваат единствено тука и претставуваат сведоштво за долгата еволуција. Националниот Парк ’Галичица’ е eдна шаренолика целина со специфичен карстен релјеф, разновидни геолошки форми како што се пештерите и пропастите, и широк спектар на диверзитет кога станува збор за видовите флора и фауна која ја населуваат. Голем дел од нив се директно или индиректно засегнати од планираните проекти за градење“, подвлече Лозановска.

Слично размислува и Драгана Велковска, од Охрид SOS, која смета дека „развојните проекти“, како што ги нарекува Владата, немаат никаква важна позадина и не исполнуваат никакви законски предуслови.

„Планираните  проекти се само евтин театар за јавноста со огромни и неповратни последици по животната средина. Тие „проекти“ не само што немаат никаква научна позадина, не само што се целосно неприродни за регионот, туку и не исполнуваат ниеден од економските и еколошките предуслови кои секој проект во современа демократска земја е задолжително да ги задоволува. Тие ’проекти’ се едно од многуте вулгарни олицетворенија на вежбањето авторитет во Македонија од страна на бескрупулозни и неуки „народни избраници“ на кои им одговара да го изгубиме УНЕСКО статусот на културно и природно наследство зашто тогаш никој и ништо нема да им стои на патот до машината за перење пари“, забележа Велковска.

Проектите кои власта планира да ги реализира во охридскиот регион, а кои според еколошките организации и УНЕСКО се спорни:

– Пресушување на Студенчишко Блато заради изградба на комплекс луксузни апартмани

-Уништување на природниот брег и сечење на еден од последните појаси на трска кај Лагадин, заради изградба на бетонска платформа со медитеранска песочна плажа и туристички содржини.

-Промена на законската заштита на изворите кај Свети Наум од највисок на најнизок степен за изградба на огромен туристички комплекс од Љубаништа до Свети Наум.

-Уништување на 300 хектари заштитено подрачје во Националниот парк „Галичица” за изградба на магистрален пат.

-Промена на законската заштита на делови од Националниот парк „Галичица” и уништување на 530 хектари природни живеалишта, заради изградба на ски центар, голем хотел и викенд населба.

Од еколошките организации велат дека крајно време беше УНЕСКО директно да реагира за злоупотребата на ова заштитено подрачје и насилното уништување на неговата природа.

„Ние ја поздравуваме последната одлука на УНЕСКО. Сметаме дека одамна е дојдено крајно време за ваква реакција од нив, која е единствен одговор на грубото прекршување на меѓународните договори и ужасната злоупотреба на охридскиот регион во последните години, од страна на домашните институции, инаку парадоксално, задолжени за негова заштита“, вели Велковска.

Според неа, губењето на УНЕСКО статусот би била вистинска трагедија, бидејќи како што вели, македонските инситуции имале повеќе од доволно време да ја обезбедат потребната заштита на регионот.

„Последно што ние сакаме е предупредувањето да стане реалност, но за жал луѓето не сфаќаат што имаат додека не го изгубат“, вели Велковска.

Токму во насока на подигнување на јавната свест за значењето на охридското подрачје, кое е единственатa локација заштитена од УНЕСКО во државата, еколошката организација Фронт 21/42 ја започна кампањата „Едно е! Вредно е!“. Покрај кампањата, организацијата распиша и онлајн петиција, со која се бара целосен мораториум на предложените проекти.

„Сметаме дека јавноста мора да биде запозната со планираните проекти, а особено со целосната слика за нивното разорно влијание врз нашето најголемо национално богатство. Сите ние имаме право и должност да го зачуваме и пренесеме ова богатство на следните генерации, не само во Македонија, туку на следните генерации во целиот свет. Затоа ја започнавме кампањата со која бараме мораториум за овие деструктивни проекти и целосно спроведување на Законот за заштита на природното и културното наследство во Охридскиот регион“, вели Миа Лозановска, координатор на кампањата, за Радио МОФ.

Според неа, последното предупредување од УНЕСКО треба да се сфати сериозно, бидејќи сега државата има конкретна дата на која Охрид можеби ќе се разгледува како кандидат за „Светско наследство во опасност“.

„Сега навистина имаме кратко време да ‘го свртиме курсот’ на настаните, односно да ги спречиме проектите, барем додека не се разгледа нивното заедничко и целосно влијание врз УНЕСКО подрачјето“, смета Лозановска.

Како што нагласи таа, со петицијата се испраќа апел до надлежните да ја стопираат постапката за реализација на овие планови. Таа досега е потпишана од повеќе од 17.600 луѓе од целиот свет, од кои најбројни се странските туристи, кои преку нивните коментари јасно посочија дека доколку се реализираат овие проекти за градење, тие веќе нема да го посетуваат Охрид.

„Тоа е и една од пораките која сакаме да ја пренесеме до пошироката јавност“, нагласи Лозановска.

Но, Охрид SOS не се премногу оптимисти и сметаат дека институциите остануваат „глуви“ на апелите од граѓаните и невладините организации.

„Не очекуваме институциите да се освестат и да се сменат поради досега најдиректното предупредување од УНЕСКО. Очекуваме граѓаните да се освестат, да ја сфатат вистинската вредност на богатството што го имаме и активно да се вклучат во борбата за негова заштита“, рече Велковска.

Радио МОФ се обиде да добие став од Националниот секретар на УНЕСКО Лидија Топузовска, но таа не беше достапна за нашите повици, ниту добивме одговор на нашите прашања испратени преку електронска пошта до објавувањето на овој текст.

Во одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО пишува дека од државата се бара да подготви целокупна стратешка Оцена на животната средина и Оценка на влијанието од предложените инфраструктурни планови врз културното наследство, со цел да се најде алтернативни рути и локации за овие големи проекти, и нив да ги достави до Центарот за светско наследство пред да започне реализацијата.

Исто така, Комитетот на УНЕСКО бара од македонската влада да ги покани Светскиот центар за наследство/COMOS/IUCN на заедничка мисија на Реактивен мониторинг на имотот во 2016 година.

Понатаму, бара државата до 1 февруари да достави до Центарот за наследство извештај за состојбата на зачуваноста на имотот и за чекорите преземени за спроведување на препораките, кои ќе се разгледуваат на следната седница на Комитетот во 2017 година.

Е.П.