Факултет за драмски уметности во Скопје на денешниот наставно-научен совет одлучил дека ќе отфрли било каква дебата за воведување на државен испит во високото образование, откри професорот Небојша Вилиќ на денешната трибина организирана од „Студентски пленум“.
„Доаѓам од наставно-научниот совет на Драмскиот факултет, кој отфрли каква било дебата за предлогот. Она што беше важно е тоа што не чекавме што ќе решат другите големи факултети, како Економскиот факултет. Одлуката е донесена. Кој друг, ако не уметниците. На сите ние преку глава од нивните реформи“, рече професорот Вилиќ на трибината која во моментов се одржува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Трибината е насловена „Честите измени на законот – причина за лошиот квалитет на високото образование“ и во неа освен студентите учествуваат универзитетски професори Билјана Ванковска, Небојша Вилиќ, Маја Бојаџиевска, Љубомир Цуцуловски и Дана Прелиќ.
Весникот Вест денеска објави дека и во Штипскиот универзитет се размислува да не се прифати државниот испит. Проректорот на УГД, Кире Барбареев за Радио МОФ вели дека официјален став за најавената реформа ќе имаат во понеделник. Против овој предлог веќе се изјаснија Правниот факултет и универзитетот ФОН, а се очекува деновиве и други универзитети да излезат со конечен став за предлогот на Владата.