Четвртиот ден на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ помина во знакот на големите кинематограферски имиња. Мастер класа со Кристијан Бергер во соработка со „Првите филмови на прво место“, филмска проекција за најмладите, како и голем избор на филмови за љубителите на европското кино и документарните филмови.
Уметничката директорка на фестивалот Гена Теодосиевска, денеска го претстави и годинешното жири кое ќе ги оценува кинематограферите на филмовите од главната компетиција за „Златна камера 300“.
Претседател на жирито е Пол Рене Ростад од Норвешка, а останатите членови се Лука Коасин од Италија, Јани Петери Паси од Финска, македонскиот режисер Даријан Пејовски и Ерол Зубчевиќ од Босна и Херцеговина.
Претседателот на жирито Пол Рене Ростад истакна дека не е лесна работа да се оценат толку добри кинематографери, бидејќи според него тоа е како да бираш помеѓу ремек дела на Ван Гог или Рембрант.
„Најпрво го оценуваме фрејмот, потоа употребата на светлото и се разбира креативноста на кинематограферот“, рече Пол Рене, додавајќи дека е среќен и почестен што се наоѓа на фестивалот во Битола, кој според него е најшармантниот филмски фестивал кој го посетил.
Филмот „Жаба“, кој синоќа беше прикажан како дел од официјалната компетиција наиде на одличен прием и воодушевување кај македонската публика.
Од главната компетиција за „Златна камера 300“ денес ќе се прикажат филмовите „Фелисити“ и „Без љубов“. Во програмата европски перспективи ќе се прикаже филмот „Викторија“, а во документарната програма филмот „Операција свадба“.
Од програмата Земја во фокус, љубителите на филм ќе можат да го погледнат австрискиот филм „Илјадачасовна ноќ“ и данскиот „Да ја скратиме приказната“.