Наставно-научните совети на Филолошкиот и Педагошкиот факултет денеска заседавале и едногласно ја одбиле иницијативата за воведување на државен испит во високото образование, дознава Радио МОФ.
Извори од Филолошкиот факултет велат дека сите катедри денеска се произнеле против предложената владина реформа. Предлогот бил едногласно одбиен и на Педагошкиот факултет, потврдуваат извори од факултетот.
Неофицијално, и Институтот за македонска литература веќе одлучил да не го прифати владиниот концепт за државен испит. Во петокот, Факултет за драмски уметности во Скопје исто така одлучи дека ќе отфрли било каква дебата за воведување на државен испит во високото образование. Природно-математичкиот факултет во Скопје сè уште нема официјален став за предлогот, но професорката Дана Прелиќ на трибината на „Студентски пленум“ соопшти дека од шест институти, три веќе го одбиле.
Против овој предлог веќе се изјаснија Правниот факултет и универзитетот ФОН, а се очекува во текот на денот и други факултети и универзитети да ги соопштат своите одлуки за државниот испит во високото образование.
К.О.