Управата на Филозофскиот факултет во Белград најави дека ќе ги санкционира студентите кои ја попречуваат наставата, откако група студенти веќе 11 дена го блокираат факултетот, протестирајќи против незаинтересираноста на управата за нивните барања. Деканот најавува дека ќе бидат поднесени прекршочни или кривични постапки против сите оние кои ја попречуваат работата на факултетот и ги повика студентите да дојдат на предавања.
„Факултетот обезбеди технички услови за редовна настава, а непочитување на оваа обврска ќе биде казнето со дисциплински, прекршочни или кривични постапки против поединците кои противзаконски ќе ја попречуваат работата на факултетот“, стои во соопштението на Филозофскиот факултет, потпишано од деканот, Весна Димитриевиќ.
Управата истакнува дека од четирите барања на студентите, решени се три: на студентите запишани во 2006 им е овозможено да го продолжат студирањето по Статутот од 2006, овозможено е секој испит бесплатно да се пријавува најмногу двапати, наместо еднаш, а буџетското финансирање на петтата година на студиите ќе биде дозволено со одлука на Владата на Србија, на препорака на Министерството за образование.
Студентите го блокираат факултетот, незадоволни поради тоа што управата со недели не одговарала на нивните барања. Блокадата на Филозофскиот факултет се совпадна со масовните протести на студентите во неколку српски градови, по што уследија преговори со Министерството за образование, кои резултираа со прифаќање на поголем дел од студентските барања.