Во Сули-ан во Старата скопска чаршија, Проектот на УСАИД за граѓанско учество ја организираше првата свеченост за доделување на Наградата за младинско граѓанско учество. На настанот беа доделени награди на двајца поединци и една неформална младинска група, кои имаат покажано силна посветеност и имаат преземено важни активности кон позитивни промени за животот во нивната заедница и за општеството, во целина.
„Ги охрабрувам добитниците на наградата, како и целата младина во Македонија да работат заеднички за да се постигнат позитивни промени во општеството. Овој настан ја покажува важноста на граѓанското учество предводено од младите луѓе во Македонија и се охрабруваат останатите да се приклучат кон заложбите за подобрувања во заедниците и во општеството, во целин рече директорот на мисијата на УСАИД во Македонија“, Џејмс Стајн.
Целта на оваа награда е да се даде признание на работата на млади момчиња и девојки (на возраст од 18 до 29 години) и на неформални групи, чии активности претставуваат пример за извонредно младинско граѓанско учество. Добитниците се номинирани од поединци, организации и институции, а номинациите се разгледани од страна на комисија за селекција.
Наградата за извонреден придонес за младинско учество во изминатата 2016 година се доделува на Александар Матовски, млад поет и активист, кој преку својот општествен ангажман го подобрува статусот на лицата со Даунов синдром, и на Антонио Ѓорѓевски, млад готвач, кој активно ја промовира стручната обука за младите и придонесува за намалување на социјалните пречки во однос на родовите улоги. Културна младинска акција од Крушево е добитник на наградата во категоријата на неформални групи.
На настанот, присутните имаа можност лично да ја видат работата на добитниците на наградата и да слушнат за нивните искуства преку „тематските катчиња“ кои се користат за да се прикаже нивната работа пред голем број гости на настанот – претставници од Советодавниот одбор за млади при Советот на Европа, Европскиот младински форум, граѓанските организации, донаторите, релевантните владини институции, приватниот сектор и медиумите.
Инаку, Проектот на УСАИД за граѓанско учество е петгодишен проект кој има за цел да се јакне капацитетот на граѓанските организации и младинските групи за унапредување на јавните политики, подобрување на јавните услуги, промовирање на доброто управување и придонес кон подобрување на животниот стандард во Македонија.
Американскиот народ, преку УСАИД, има инвестирано над 610 милиони американски долари во Македонија од 1993. УСАИД работи заедно со народот во Македонија на отворање работни места, јакнење на демократските институции и практики, јакнење на интегрираното образование, и подготовка на студентите за идната работна сила. Овие иницијативи, во партнерство со народот во Македонија, имаат за цел да се подобри квалитетот на животот за сите кои живеат во Македонија. УСАИД обезбедува економска и хуманитарна помош во над 100 земји.