[Фото] Глобалното затоплување е причина за рекордните горештини и 125 починати во Мексико

Оваа година е најжешката досега и веќе големи делови од светот издржаа високи температури пред почетокот на летото. Според Меѓународната мрежа на климатски научници (World Weather Attribution) ова се должи на глобалното затоплување предизвикано од човекот, а доведе до смртоносна топлина во регионот на Соединетите Американски Држави, Мексико и Централна Америка, пренесува Ал Џазира.

Рекордните горештини во мај и јуни убиле најмалку 125 луѓе во Мексико и предизвикале уште илјадници да претрпат топлотни удари, потенцијална фатална состојба што се јавува кога внатрешниот механизам за ладење на телото почнува да откажува.

„Веројатно не ја знаеме целосната слика за смртните случаи поврзани со топлина, бидејќи тие обично се потврдуваат и пријавуваат неколку месеци по настанот, ако воопшто ги има“, велат научниците.

Според нив, додека светот продолжува да согорува фосилни горива и да испушта стакленички гасови кои ја загреваат климата во атмосферата, се очекува уште милиони луѓе да бидат изложени на опасни нивоа на топлина во иднина.

Фото: Al Jazeera English / X

Топлината е најсмртоносната од сите екстремни временски услови, но често се потценува, посочуваат експертите, а децата, постарите и работниците на отворено се особено ранливи.

Ефектот на топлината е интензивиран во Мексико и Централна Америка поради лошите услови за домување и ограничениот пристап до услугите за ладење, посебно за оние кои живеат во неформални населби.

Дополнително, екстремните горештини ја загрозуваат и стабилноста на снабдувањето со електрична енергија што е критично за функционирањето на здравствените установи.

Научниците советуваат дека системите за предупредување за екстремна топлина и акционите планови би можеле да помогнат да се зајакне подготвеноста на Централна Америка за вакви ситуации, како и со безбедносни мерки потребни за заштита на работниците на отворено.