Тројца студенти синоќа биле повредени при судирите со припадници на Единицата за брзо распоредување, за време на блокадата на влезот од просториите на Студентскиот парламент, соопшти Студентски пленум.
Тие објавија фотографии од студенти со модрици по рацете, а на едната фотографија се гледа и крв на маицата на студент.
Повеќе од шест часа студентите го чуваа влезот на СПУКМ, очекувајќи некој од неговите претставници да излезе и да објасни за исчезнатите гласачки кутии. Студентите побараа од досегашниот претседател на организацијата Кирил Спировски да ги поништи изборите, иако тој заедно со уште неколкумина од СПУКМ си заминаа од задниот влез во два часот по полноќ, со помош на полицијата.
Сепак, бурниот отпор од страна на студентите не го спречи Студентскиот парламент утрово да соопшти дека според резултатите на изборите, победник е Давор Поповски, студентот на ФИНКИ, кој имаше поддршка од седум матични факултети.
За Пленумци овие избори се неважечки од самиот почеток и ги повикаа надлежните на УКИМ, заедно со ректорот, да се произнесат по ова прашање. Тие за денеска, во 12:30 часот најавија прес-конференција пред СПУКМ.