Со листови на кои пишува „Преку матурава ми е“, ученици од скопската гимназија „Орце Николов“ денеска мирно протестираа пред своето училиште против новиот концепт на матура со кој задолжително се полага математиката.
„Ние во “Орце“ сите сме едно и го го покажуваме нашиот револт. Ова не е протест, ова не е бојкот на настава, ние сакаме да си кажеме што мислиме. Ние не сме само против математика, ние сме против новиот концепт на матура. Како реформа е избрзана бидејќи ние како средношколци не можеме да ја постигнеме имплементацијата. И за електронското тестирање, каде седум пати нè тераат да полагаме и за математиката за чие полагање треба долго време за подготовки, а ова брзо донесување значи дека нема да имаме време за подготовка, рече ученик од „Орце Николов“ за време на мирниот собир пред гимназијата.
Тие велат дека се револтирани и од плакатите кои вчера беа поставени во неколку градови и според кои ученици зеле 10 илјади денари за да организираат протести. Воедно, информираа дека средношколци и родители во скопската полиција го пријавиле случајот со плакатите во кои се клеветат членови на Средношколскиот пленум и во кои е злоупотребено логото на Пленумот.
На ова од Средношколскиот пленум излегоа со став дека негативната кампања нема да ја сокрие вистинската слика за образованието во Македонија, туку, како што велат, таа само ја потврдува платформата на Пленумот која гласно говори за лошите реформи во образованието.
Денеска се огласи и Наставничкиот пленум и побара надлежните институции итно да реагираат, така што ќе излезат со јавна осуда на ваквиот чин потенцирајќи дека Пленумот е згрозен.