„Цел свет се смее каква правда овде владее“, „Ова судство е катаклизма“, „Браво за Катица, многу ќе се возат во марица“, „Специјален суд за специјална мафија“, „Јанева мојот херој“… Ова се само дел од пораките и транспарентите кои можат да се видат пред Собранието на Република Македонија, каде од 17 часот започна собир за поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Собирот е инициран од Шарената револуција, чии приврзаници почнаа да го бојат коловозот пред законодавниот дом. Таму моментално е претставен голем часовник-патоказ, чија стрелка покажува кон голем натпис „СЈО“. Шарените револуционери порачуваат „Вашето време истече“ и „Патот до правдата е еден“.
За денеска не е најавена рута низ градот, туку собирот треба да биде сконцентриран пред парламентот, каде е поставена бина и се очекуваат говори.
„Судиите од тефтерот на горде продолжуваат да ги одбиваат барањата за притвор, го укинаа единственото кое беше прифатено и го вратија едниот Обвинителен предлог кој СЈО го поднесе до кривичното одделение, поради причина која не им е проблем кога постапуваат по предметите на зврлевски. Уставниот суд се уште нема закажано седница на која ќе се разгледува Иницијативата за уставноста на СЈО. Пратениците од ДПМНЕ одбиваат секаква поддршка за СЈО. Одбиваат да ги донесат потребните законски измени за заштита на сведоци и свиркачи, одбиваат да го продолжат рокот за работење на СЈО, а собраниската говорница ја користат исклучиво за дискредитација на Катица Јанева и институцијата која ја претставува. Владата зад која се уште стои обвинетиот груевски, продолжува да остава на високи функции луѓе кои се под истрага за сериозни кривични дела од страна на СЈО“, стоеше во повикот на Шарена револуција за денешниот собир.