Студентите кои беа сместени во стариот блок А од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, денеска полека почнаа да се вселуваат во реновираниот блок Б.
Студентите кои добија решение за преместување во реновираниот блок ги отворија своите нови соби за екипата на Радио МОФ. Велат дека се задоволни што ќе можат да живеат во подобри услови. Со помош на пријатели ги пренесуваа нивните работи со новиот лифт, иако се уште може да се забележи стариот лифт кој не работи.
„Можам да кажам дека сум многу задоволна од новата соба откако се преселив од блок А, а цената за сместувањето ќе остане иста“, вели студентка што ја затекнавме додека се преместуваше од стариот во реновираниот блок.
Во секоја од собите има нови кревети, плакари, биро за учење, како и мини кујни со шпорет и фрижидер, додека купатилата и вецињата на спратовите се целосно реновирани.
Во меѓувреме, останатите блокови, како А, В и Г остануваат во ужасна состојба. Студентите од овие блокови велат дека се уште немаат информации кога нивните соби ќе бидат реновирани и ќе можат да живеат во истите услови како нивните колеги.
Студентскиот дом „Гоце Делчев“ поттикна јавни дебати и доби многу ветување откако пред пред неколку години светот дозна за мизерните услови во кои престојуваат студентите. Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ пак, стои дека до 2016 година, односно за помалку од два месеци, целиот студентски дом треба да биде комплетно саниран.
Емилија Петреска