[Фото + видео] Револтирани граѓани побараа одговорност за убиецот на кучето и поефективна политика на казнивост

Расфрлан кучешки измет пред влезна врата, јајца по фасада, свеќи и натписи „Монструм“ и „Кој е следниот, дете?“ попладнево можат да се забележат на објект на улицата „Пиринска“ во скопско Дебар Маало, во близина на Радио бар. Граѓани од 13 часот протестираа и го истурија револтот против човекот кој вчера, пред повеќе очевидци, со секира го закла маалското куче Идриз.

Атмосферата на протестот главно беше мирна, на моменти наелектризирана. Граѓани бараа правда за Идриз и одговорност за сторителот. Закачуваа натписи на околните дрвја и бандери. Симболично со фекалии од кучиња го мачкаа влезот од зградата. Ечеа громогласни извици „Монструм“, „Убиец“ и „Затвор“, а имаше и поединечни дофрлувања и укажувања кон полицајците. Претставниците од МВР беа распоредени пред објектот, свртени кон граѓаните. Ја штитеа зградата на пријавениот и следеа евентуални инциденти.

Меѓу присутните беа луѓе од сите генерации. Некои дојдоа со своите кучиња. Се забележуваа и локални граѓани, комшии. Тие се пожалија од односот на лицето во зградата со натпис „Липски“.

Активисти од Здружението „ЕДЕН“ велат дека кучето Идриз чекало да биде вдомено, бидејќи пријавениот човек, пред само една седмица, го тепал на истата таа улица со метална шипка и се заканувал дека ќе го убие.

„И вчера, си го одржа ветувањето. Има видео од монструмот како откако го убил Идриз најладнокрвно им објаснува на сведоците дека немал избор и морал да го убие. Монструмот им е познат на соседите и луѓе кои живеат во околината сведочат како тој, неговиот брат и татко му веќе дваесет години трујат, тепаат и убиваат бездомни животни. Според сведочењето на една девојка на настанот, таткото на монструмот го исклоцал крвнички нејзиното куче еднаш додека таа го шетала својот домашен миленик со мајка си. Причината? Кучето извршило мала нужда на улицата“, соопштија од „ЕДЕН“.

2

8

Столе Велковски од „Анима Мунди“ за Радио МОФ нагласува дека вакви нешта не смеат да се толерираат. Излегле на протест на упатат јасна порака до институциите.

„Односот кон овие психопати кои во изминативе 9 години труеа, мачеа и убиваа кучиња низ државата, и политиката на неказнивост, односно на несанкционирање на ваквите немили појави, доведоа до стадиум кога секоја будала може да земе секира од дома и пред очите на 100 граѓани да изврши брутален масакр. Верувајте, ваквите типови на личности ФБИ ги профилира во своите книги како потенцијални убијци, бидејќи човек што е спремен сред бел ден со секира да измасакрира куче, верувајте е спремен да исече нечија глава само затоа што смета дека е во право или нешто не му се допаѓа“, потенцира Велковски.

Надополнува дека овој случај се обидуваат да го дадат како пример и да се изврши притисок кон институциите за максимална казна. Во координација со правнит тим на „Анима Мудни“, пријавата за дело „мечење и малтретирање на животни“ сакаат да ја надополнат и за предизвикување општа опасност, по неколку членови.

„Кривичното дело да биде поголемо од 1 година затвор. Сакаме да упатиме јасна порака до сите граѓани кои ќе сакаат на ваков начин да ги решаваат проблемите, дека ќе се соочат со казни затвор од 1 до 5 години. Ова не смее да се толерира во едно цивилизирано општество. Крајно време е да ставиме крај на ваквите пракси. Крајно време е некој да одговара за ваквите злодела“, нагласи Велковски.

Инаку, Министерството за внатрешни работи соопшти дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. Потврдуваат дека вчера околу 19 часот стигнала пријава против  непознат сторител што со секира усмртил куче на улицата „Пиринска“.

„УПС од ПСОН-Центар излегле на местото на настанот, при што затекнале околу 50-60 граѓани кои му упатувале закани на лице за кое сметале дека е поврзан со настанот и со јајца и други предмети почнале да фрлаат кон зградата. Во врска со случајот во ПС ОН-Центар се самопријавил С. Х. (45). Во 19,15 часот во ПСОН-Центар, Т.Х. (85) татко на С.Х. пријавил дека истиот ден во 18,30 часот на наведената улица додека се движел кон својот дом, бил нападнат од страна на големо куче скитник кое го гризнало на десната потколеница, од што истиот се здобил со телесни повреди во вид на расекотина и крварење. За наведените повреди доставил и медицинска документација“, се вели во соопштението од МВР.

Бојан Шашевски