Интерниот пленум на средношколците во Куманово соопшти дека денеска се бојкотира наставата во три средни училишта. Одлуката за бојкот, едногласно беше донесена на третата пленарна средба на средношколците, на која беа присутни претседатели на класовите од сите средни училишта.
Претходно, кумановските средношколци најавија бојкот, но го прекинаа поради малата масовност. Во моментов, бојкот се одвива во средните општински училишта „Перо Наков“, „Наце Буѓони“, како и гимназијата „Гоце Делчев“. Од Пленумот велат дека се уште чекаат информации дали се одвива бојкот и за средното земјоделско училиште „Киро Бурназ“.
„Имаме алтернативна настава, односно работилници на кои учениците изработуваат хамери, пароли, имавме неколку обраќања пред учениците и отворивме дебата за тоа зошто е бојкотот. Засега, програмата се одвива спонтано“, велат од Средношколскиот пленум во Куманово за Радио МОФ.
Според Пленумот, досега единствен притисок кој го забележале е од директорката на економското училиште „Перо Наков“, која, како што велат, се обидела да ги одврати од бојкотот укажувајќи на педагошки мерки и казна од 2000 евра за нивните родители.
Средношколците велат дека бојкот ќе има додека Министерството за образование и наука не закаже средба со нивни претставници со целда ги разгледаат нивните барања и да дојдат до решение.