Голем број средношколци од гимназијата „Добри Даскалов“ и средните стручни училишта во Кaвадарци, денеска повторно излегоа на улиците да маршираат против задолжителното полагање математика на матура и начинот на полагање на екстерното тестирање. Тие ја бојкотираа и наставата, а како што велат за Радио МОФ, ќе ја бојкотираат и утре.
Со пароли „Ние одлучуваме за нашата иднина“, „Стоп за лошите реформи“, „Образованието е право, не привилегија“, ученици од сите генерации се собраа пред гимназијата од каде маршираа до општинската зграда. Оттаму учениците порачаа дека ќе продолжат со протестите до крајот на неделата.
„Ние сме против математиката како задолжителен предмет на државната матура и двојното полагање на предмети како што се македонски јазик, кој треба да се полага писмено и електронски што сметаме дека нема потреба од тоа. Исто така, ние сме против оценките од екстерното тестирање кои влијаат на целокупниот успех на ученикот“, вели ученик од Кавадарци.
Тој додава дека учениците се решителни во своите барања за кои претходно го известиле Министерството за образование и наука. Приоротет им е, како што вели, математиката да не биде задолжителна на државна матура.
Учениците планираат утре повторно да протестираат, но пред училишните дворови преку спроведување на разни креативни активности. Протестен марш за утре е закажан и во Тетово, Кочани и Ресен.
*Фотографиите се преземени од официјалниот Фејсбук профил на Средношколскиот одбор во Квадарци.
Е. П.