Друштвото на ликовни уметници на Македонија во соработка со Хрватското друштво на ликовни уметници, во петокот (05.12.2014) во 19:00 часот, организираа отворање на изложбата „Resist! What?“ на група МОМИ во галерискиот простор на „Галерија Карас“ во Загреб, Хрватска. На изложбата се претставија уметниците-членки на групата МОМИ: Марија Сотировска, Зорица Зафировска, Ана Ивановска, Маја Кировска, Христина Зафировска, Татјана Ристовска и Кристина Хаџиева.
„Авторките од уметничката група „МОМИ“ го реализираат своето креативно и критично делување во рамките на едно јадро, во поширока перспектива на потврда на своите позиции не само во рамките на локалната уметничка сцена, туку и во регионот. Иако сосема дивергентни по својот сензибилитет и своите одделни уметнички интереси, заедничкото функционирање на овие авторки создава хомогена група која својот интерес го базира доминантно врз универзални хуманистичко-критички теми на интерес, со допирање на женскиот принцип во сите сфери на создавање и дејствување. Во своите дела „МОМИ“ нудат иронични и духовити одговори на многу етички прашања кои влијаат врз индивидуата, а се иницирани од различни теми од секојдневието-општествената патологија, економските состојби, политиката, социјалните и родови прашања… Нивната хетерогеност условува и потреба претставувањата да гравитираат околу една, вообичаено двосмислено насловена тема, која нуди широк простор за повеќеслојни толкувања од различни аспекти“, вели кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска..
Според неа, изложбата насловена „Resist! What?“ повторно дава можност за двозначно толкување – како отпор и да се оддолее – како критичка свест и отпор кон одредените репресивни општествени аномалии, социјално-економската несигурност, родовите/културолошките стереотипи, секојдневната глобална социјална комуникација, … но, во својата спротивност и како потреба (нужност,желба,намера) да се „истрае“ пред предизвиците на „радосните животни моменти“ и себесатисфакцијата, односно еден хуманистички, хедонистички, па дури и забавно декадентен „чин на творење и битисување“
.