Жители на Општината Карпош попладнево ја бликираа крстосницата кај Сити мол, за да побараат стопирање на новите ДУП-ови во општината и да кажат „ДА за паркови, Не за згради“.
Оние што излегоа на улица порачаа дека е важно граѓаните да останат будни и активно да се залагаат за учество во одлуките на општината за заедно да се изборат за зачувување на зеленилото и почист воздух, но и да порачаат дека јавниот простор е на граѓаните, а не на инвеститорите.
„Имаме уставно право на здрава животна средина, затоа бараме легитимна заштита на реалното зеленило, со негово вцртување во самиот ДУП. Конкретно бараме стопирање на постапките за носење на ДУП-овите и спречување на реализацијата на донесените ДУП-ови каде постојното зеленило не е вцртано во планот. Бараме и поништување на тендерите за изградба на згради на зелените површини. Формалното запазување на процедурите при носењето на плановите не е демократија. Наше демократско право е да побараме реална демократија во која нашите барања ќе бидат слушнати и земени во предвид при носење на одлуките на локалната власт“, изјави Сашо Цветановски од инцијативата „Карпош 4“.
По половина час блокада, со макети на дрвца во рацете, жителите на Карпош мирно го започнаа „Маршот за зелен Карпош“, кој ќе заврши во паркот на улицата „Букурешка“. Овде, во зеленилото каде треба да се гради нова зграда, е најавена јавна дискусија и маалска дружба за зачувување на зеленилото.
Погледнете ја галеријата од настанот во продолжение: