На повик на Шарената револуција, утрово пред полициската станица Беко, се собраа голем број граѓани, каде на информаривен разговор се повикани директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска и професорката Мирјана Најчевска.
Дел од присутните со себе ги носат и препознатливите пиштоли со боја, а има и транспаренти на кои пишува „Бојам значи постојам“.
Професорката Најчевска со боја обележа и фасадата на полициската станица , пред да влезе на информативниот разговор.
Меѓу оние кои им даваат поддршка е и професорот Гордан Калајџиев, кој пред неколку дена доби казна од 50 евра за фрлање боја врз државни институции, откако претходно беше викнат на ист ваков разговор.
Најчевска и Пировска се повикани во полиција поради прекршок сторен за време на протестите кои го тресат Скопје, секој ден во 18 часот пред СЈО и траат веќе седум седмици.
Инаку во тек на протестниот собир, на неколку минути се појавија и контра-протестанти, кои по повикот „Кај ви се сендвичите“, веднаш се повлекоа. Следеше и боење на транспарентите што ги оставија.