Петнаесетина локални производители на органска храна, земјоделски и сточарски производи, покажаа што Валандово и околината би изгубиле доколку се отвори рудникот Казандол. Во неделата, на Фестивалот на локална храна и локален развој, под паролите „Земјоделството е нашиот рудник“, локалните жители се запознаа одблизу со последиците кои отворањето на рудникот би ги нанел на околината и економијата.
На целодневниот настан организиран од иницијативата Спас за Валандово, освен органска храна која ја изложуваа локални производители, валандовчани уживаа и во концерти, креативна работилница за деца, а се дискутираше и за влијанието кое рудникот Казандол би го нанел на околината, здравјето на граѓаните и економијата.
Најмладите од градот и околината на фестивалот ги изложија своите творби на тема „Во ваква околина сакам да живеам“, а настапуваа и музичари од Валандово и Гевгелија.
На дебатата дискутираа Бошко Ников, консултант за животна средина од Европската Унија и поранешен директор на Топилницата во Велес, кој зборуваше за ризиците од отварањето на рудници со отворен коп и процес на лужење; професорот Стојан Манолев, експерт во областа на физиката и хемијата, професор во средното училиште Гоце Делчев во Валандово, кој ги потенцираше опасностите од физички и хемиски аспекти; Ангел Наков е активист за животна средина, претседател на здружението „Спас за нас“ од Гевгелија, кој е назаслужен за успешниот референдум против изградба на рудници за металични суровини на територијата на општина Гевгелија. Наков зборуваше за искуствата поминати во битката до успешен референдум и што понатаму.
Докторот Борислав Калковалиев зборуваше за потенцијалните последицина здравјето на жителите. Ристо Вучков, претседател на Еколошко Друштво Озон од Струмица, поборник за правда на земјоделците, стави фокус на земјоделството и последиците по земјоделието и земјоделците. Дел од дебатата беа и Биљана Гинова и Константин Битраков, кои зборуваа за чистата околина како уставно загарантирано право и граѓанската вклученост во донесувањето одлуки на локално ниво.
Освен локалното население, на фестивалот дојде и поддршка од Куманово и околните градови, кои исто така се соочуваат со потенцијална еколошка катастрофа доколку бидат отворени планираните рудници.
Спас за Валандово со настанот воедно и се обиде да ги поттикне граѓаните да го дадат својот потпис за распишување на локален референдум. Голем дел од потребните 2000 потписи се собрани, а потпишувањето трае до 15 јуни.