„Немате повеќе време. Времето ви истече тогаш кога одлучивте да манипулирате со нас. Кога дозволивте средношколци со денови да ве бараат под дрво и под камен за да би седнале и како луѓе да се реши оваа тешка ситуација. Е, доста беше. Сега времето тече, но против вас. Нашата сплотеност, нашата одговорност ќе ви покаже колкава маса на луѓе сме. Видовме дека саката да манипулирате. Можеби избегавте од средбата, но од нас никогаш нема да можете да избегате“, се зборовите со кои денеска заврши вториот генерален марш во Скопје.
Двајца претставници денеска беа примени во Министерството каде им бил даден контакт од кабинетот на заменик-министерот Спиро Ристовски, со насока да се јават во рок од еден час за да договорат средба. Но, како што појаснуваат од Пленумот, на телефонскиот број прво ја добиле секретарката, за потоа да увидат дека бројот е погрешен. Тие најавија дека утре ќе го посетат министерството за повторно да побараат средба со надлежните и уште еднаш да ги достават барањата.
Со фрлање жолти картони и свирежи, голем број на средношколци од поголемите скопски училишта, на кои им се приклучија и соученици од Велес и Куманово, денеска им упатија последна опомена на надлежните да престанат со воведување на лоши образовни реформи. Тие се револтирани од вчерашната средба помеѓу МОН и претставници од Средношколската унија на која не беа повикани.
„Бевме сведоци вчера на една средба на една неактивна организација на средношколците, а тоа е средношколската унија којашто си договори барања какви што она сака. Ние не се согласуваме со нивните барања и нашите барања не се задоволени во целост “, изјави средношколец од Пленумот.
Средношколците напладне се собраа пред Собранието и маршираа кон Владата, се до МОН. Тие укажаа дека во повеќе гимназии повторно имало притисоци за да не се излегува на маршот. Средношколци од гимназијата „Никола Карев“ велат дека кај нив се читало соопштение оти нема да има марш. Во „Јосип Броз Тито“ пак, преку разглас биле информирани дека математиката нема да биде задолжителна за сите матуранти.
„Доста веќе министер одев, доста веќе лоши реформи водев. Образованието го срамни со нула, лоши закони една кула. Средношколците се пролетта на образованието, прифатете ја нивната подадена рака. Има време да го вратиме образованието на вистинскиот пат, таму каде што припаѓа. Доста беше шега. Нашата сериозност се докажува со овие обединети настапи со една цел – стоп на лошите реформи кои го назадуваат образовниот процес. Ви дадовме шанса да се вразумите, да погледнете со отворени очи, да не дозволите да се зголемува веќе огромниот револт насобран во нас. Нашиот молк не значеше согласување , ви дадовме шанса, згрешивте. Иако требаше да ве засега, не игнориравте, доста беше молк, притисоци, закани“, им се обрати еден од средношколците на своите соученици пред МОН.
Средношколците ги повторија своите барања дека сакаат враќање на стариот концепт на полагање на државна матура, ставање во мирување на екстерното тестирање и електронското полагање на државната матура да се укине, односно да се полага по стариот концепт.
Иако за време на маршот заврна дожд, не ги спречи учениците да продолжат да маршираат, притоа добивајќи поддршка од случајни минувачи. Од Пленумот велат дека ако не се одржи средба со МОН, од петок ќе ги радикализираат постапките со можност и на бојкот на наставата.
Емилија Петреска
Фото: Ирена Чаушки