Стравот, револтот и гневот од огромното загадување натера голем број граѓани да излезат вечерва на протест пред Владата, со што се спротивставија на неажурноста на институциите во решавање на проблемот. Тие им порачаа на надлежните дека не се откажуваат од борбата за основното право на здрава животна средина и поставија ултиматум до 15 јануари одговорните институции да преземат реални мерки, во спротивно следуваат блокади на загадените градови.
ПРОТЕСТ ЗА ВОЗДУХ ПРЕД ВЛАДА: ИТНИ МЕРКИ ДО 15 ЈАНУАРИ ИЛИ БЛОКАДИ ВО ЗАГАДЕНИТЕ ГРАДОВИ
„Сполајти со модерниот канцер кој се вдомил и му е убаво. Тука сум да си кажам себеси и нив дека е доста. Тука сум да го покажам мојот револт, гнев и страв, тука сум за мојот син кој не знае да се спротивстави на нивното безумие. Тука сум да ги потсетам оние кои поради партиски директиви не излегоа на протестот. Тука сум да им кажам дека нема да дозволиме да газат по нашите фамилии, бидејќи за нас се работи“, порача Иван Чулаковски од битолското здружение „За нас се работи“.
Со протестот, граѓаните им посочија на надлежните дека препораките не водат кон никакви резултати, туку е потребен долгорочен план кој ќе го изготват и почитуваат Министерството за животна средина, власта и локалните самоуправи.