Во рамки на шестото издание на Интернационалниот фестивал за креативни документарни филмови „МакеДокс“ се одржа премиерата на документарниот филм „Зелени ѕидови, црна храна“ на студентката по Филмска и ТВ монтажа при Факултетот за драмски уметности Сандра Ѓоргиева.
Филмот го прикажува секојдневието на студентите сместени во студентскиот дом „Гоце Делчев“, познат по лошите услови за живеење. Во интервју за Радио МОФ, Ѓорѓиева раскажува за предизвиците со кои се соочила при снимањето и за искуството што го стекнала при разговорите со останатите студенти, иако и таа самата две години живее во овој дом.
Твојот краток филм „Зелени ѕидови, црна храна“ зборува за секојдневието на студентите сместени во скопскиот студентски дом „Гоце Делчев“. Како всушност живеат студентите овде?
Не можам да кажам лошо, бидејќи тоа не е вистинскиот збор кој би ги опишал условите за живот во тој дом. Мизерија, под достоинство, хорор. И тоа не само во домот „Гоце Делчев“. Сликата за мизеријата преставена во филмот е слика за сите студентски домови во Македонија, не конкретно за еден дом. Но, одлучив таа слика да ја преставам само преку овој дом, бидејќи таму живеев, а и домот сам по себе носи интересна историја, која ја дознаваме од архитектот на домот, Георги Константиновски.
Како се одвиваше снимањето на документарецот? Дали можеби имаше одредени притисоци?
Процесот на подготовки траеше подолго. Прво ги сублимирав моите најиронични и бизарни ситуации во кои сум се нашла, а подоцна разговарав со другите студенти за нивните ситуации. Најтешко од се ми беше да пронајдам соговорници кои би се осмелиле да зборуваат. Условот на оние кои прифатија и се појавуваат во филмот беше да не им се открие идентитетот. Се снимаше на периоди,како што се дознавав нови приказни околу мене, бидејќи секојдневно се случуваа работи податливи за снимање.
За време на твоeто живеење во домот и за време на снимањето имаше прилика да слушнеш разни приказни од разни луѓе. Што извлече како поука од нивниот и твојот студентски живот?
Сите студенти кои сме поминале овде, макар и една година,или сите четири, ги имаме поместено напред нашите граници за адаптација. Но притоа, некои студенти ги снижија нивните стандарди за живот и останаа таму, во зоната на комфорот. Тоа мене ме налути најмногу кога разговарав со студентите, повеќето имаа рамнодушен став кон условите овде и само чекаа да им поминат тие студентски години и да излезат одовде.
Студентите најчесто не сакаат да зборуваат јавно за проблемите во домот, зошто е тоа така?
Како што напоменав и претходно, повеќето се навикнале на таквиот начин на живот и не веруваат дека може да им подобрат условите, дека го заслужуваат тоа. Сметаат дека ако проговорат ќе биде бесполезно. Исто така, се плашат дека ако проговарат сега ќе бидат на некаква „црна листа“ за упис за следната година во домовите. Се плашат и од реакциите на „привилегираните“студенти кои имаат за обврска да прикажуваат една извештачена реалност за домот.
Зошто се одлучи да живееш во студентскиот дом „Гоце Делчев“, иако за лошите услови во него долго време се зборува, колку долго остана да живееш во Гоце?
Во прва година кога дојдов во Скопје, живеев во стан. Поради обврските секојдневно бев на факултет и минував долго време таму. Фактички станот ми служеше само за преспивање. Да им олеснам на моите, аплицирав за домот во втора година. Кога влегов за прв пат при вселувањето, се шокирав и си реков ќе пробам. Тогаш од факултет добивме за задача да направиме филм од социјално-ангажирана тема и веднаш знаев дека ќе снимам за животот на студентите во домовите.Останав и следната година за да го завршам филмот.
Филмот претходно беше прикажан на DokuMA Film Festival во Хрватска. Како реагираше тамошната публика?
Беа истите реакции како и овде. Емотивни, изненадени. Едно е кога само ќе се слуша и понекогаш ќе се објави по некоја слика или текст во јавноста за тоа како се живее таму. Но, многу поразлично е кога тоа ќе се слушне и види од самите студенти, кога на некој начин преку визуелното ќе се доживее нивниот проблем. Кога ќе се слушне архитектот за тоа како било порано и како првите генерации на студентите живееле таму.
Кои се твоите очекувања од филмот? Што би сакала да постигнеш со неговото прикажување?
Јас сум свесна дека со филмот нема да можам да интервенирам во тоа да се изгради нов солиден студентски дом според стандардите за живеење веднаш утре, или преку ноќ да се реновираат веќе постоечките домови. Мене најважно ми е да се смени ставот на студентите после гледањето на филмот. Ставот на оние студенти кои се уште се задоволуваат со таквото секојдневие и се плашат. Да сфатат дека заслужуваат подобро. Да се запрашаат што е разликата меѓу нив како сегашни студенти , и студентите од првите генерации во домот? Зошто овие студенти да мораат да поминуваат низ такви ходници, да одат во такви тоалети и да јадат таква храна? И тогаш кога ќе го променат ставот, да се охрабрат да си ги бараат правата. Многумина ме прашаа за постоењето на една мала сцена во филмот каде денешните студенти во Македонија ги прикажувам како пасивни, наспроти активните студенти од Англија или Австралија, бидејќи се појавија голем број на протести кои зборуваат за активизмот на студентите овде. Првата верзија од филмот беше завршена пред да се појават овие протести. Но, ја оставив таа сцена за пасивноста на студентите во филмот до крај, бидејќи реално, протест конкретно за домовите и условите немало и ниту се подготвува. И додека нема и не се зборува за овој проблем , низ истите услови ќе минуваат генерации и генерации студенти кои ќе ќутат и понизно ќе живеат таму.
Е.П.